Му посакувам на Мендух Тачи да извојува победа на претстојните избори и ако тоа го направи нека продолжи да биде лидер, но доколку не победи треба да си замине од челната позиција во партијата. Ова денеска го изјави градоначалникот на Струга и член на ДПА, Зијадин Села на брифингот со новинарите, на кој тој беше придружуван од раководството на струшкиот огранок и членови на советот од ДПА.

-Му пожелувам испех да победи во сите изборни единици, ако не победи на 27 април очекувам да поднесе оставка. Доколку не поднесе, ќе почне постапка за негово симнување од чело на партијата.-рече Села.

Несогласувањата помеѓу огранокот на ДПА со раководството на партијата настанаа околу листата за пратеници во 5 ИЕ која ја предводи Зија Јонузи. Откако раководството не го прифати барањето за ревидирање на кандидатсската листа на пратеници, струшкиот огранок донесе одлука да стави мораториум на сите активности до завршување на парламентарните избори. По ова раководството на ДПА ги исклучи од партијата градоначалникот Села и претседателот на општинската организација Лавдрим Елмази.

Цврст став кон барањата на огранокот во Струга лидерот Тачи покажа на митингот на ДПА синоќа во струшко Радолишта. Тој застана во одбрана на носителот на листата за пратеници во „петка“ Јонузи, порачувајќи дека не се плаши од закани.

-И милион евра да ми дадат нема да се премислам да отстапам од актуелниот носител на листа Зија Јонузи. Ќе отстапев само доколку ми наведеа дека ги прекршил трите мои принципи: дека бил неморомален, антинационалист, или продадена душа.-рече Тачи.

Села не ги прифаќа ваквите аргументи, ниту одлуката за исклучување од партијата, која според него е нестатутарно донесена.

-Мене во ДПА не ме има донесено Тачи за да ме исклучи. Според статут се знае како треба да тече постапка при исклучување, најпрвин се изјануваат подограноците, па огранокот кој дава мислење до централата врз основа на кој таа носи одлука, објасни Села.

Тој додаде дека струшкиот огранок останува на ставот за мораториум на парламентарните избори, посочувајќи дека тој личлно ќе гласа на претседателските избори за кандодатот на ДПА Халими, кого го поддржувал и во партиската процедура. Села изрази очекување дека голем број гласачи Албанци ќе му се придружат на движењето кое го иницира огранокот на ДПА во Струга, бидејќи, како што рече, предложените кандидати на листите на партиите на Албанците во 5 ИЕ не ги заслужуваат нивните гласови, оти не ги бранат интересите на граѓаните.   

OhridNews