Две лица на возраст од 30 и 35 години се уапсени во рамки на полициската акција „Мрежа“  за сузбивање на недозволената трговија со наркотици. Организаторот на криминалната група што продава дрога по улиците на Скопје е во бегство.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, соопшти дека со отпочнувањето на оваа акција се засилува борбата против дрогата која се продава на улиците низ целата држава и дека полицијата има профилирано поединци и групи кои на ситно препродаваат различни видови дрога.

За старт на оваа акција беа уапсени две лица на возраст од 30 и 35 години. Кај едниот од нив биле пронајдени две пакувања марихуана, додека кај вториот 50 грама од истата дрога. Полицијата утврдила дека марихуаната ја набавиле кај 32-годишно лице, дилер од Скопје и организатор на криминалната група.

Вчера полицијата извршила претрес во куќата на организаторот кој не бил пронајден во неговиот дом. Денеска биле извршени претреси во домот на три лица за кои Секторот за недозволена трговија со дрога имал информации дека соработувале со организаторот, при што кај едно 26 годишно лице пронајдени се пет грама марихуана, две цигари со марихуана и 300 семки.

По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори” против организаторот од Скопје, како и против трите други лица од кои две се од Струмица, а едно од Скопје, сите членови на криминалната група.

OhridNews

извор: Макфакс