Пратеничката група на ПЕИ и Санџачката лига го осуди грозоморното убиство што синоЌа се слуЧи крај Скопје и изразои најдлабоко сочуство до семејствата на 5-мината убиени кај Смилково.

Згрозени сме од бруталниот масакр. Бараме надлежните власти најитно да ги откријат сторителите , причините и мотивите за овој ѕверски чин кој зави во црно 5 семејства.

Ги повикуваме сите на разум. Најмалку од се во овој момент ни треба подгревање на непријателство или насилство кон било кого..Полицијата мора да си ја заврши работата,да ги открие сторителите и да ги изведе пред лицето на правдата .Власта не смее да дозволи ова вандалско убиство биде повод за меѓусебни обвинувања и тензии, на која било основа, се вели во соопштението.

Според ПЕИ и СЛ, министерката Јанкуловска и нејзиниот шеф премиерот Груевски се најодговорни за експлозијата на криминалот и сериозното влошување на безбедносната ситуација во државата. Јанкуловска многупати покажа дека не е дорасната за функцијата што ја врши, и затоа ПЕИ  и СЛ  повторно бара нејзина неотповиклива оставка, стои во соопштението.

Пратеничката група на ПЕИ и СЛ исто така бара од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски да свика итна собраниска седница на која ќе се расправа за актуелната безбедносна ситуација во земјата.

СДСМ апелира за смирување на тензиите по петкратното убиство во Смилковци

Од најголемата опозициска партија  апелираат до целата јавност,а особено до жителите од населбите во близина на местото каде во петокот навечер беа убиени пет лица, да делуваат за смирување на состојбата на теренот и да не дозволат ескалација на тензиите.

Изразувајќи сочувство до семејствата на убиените, од СДСМ истовремено ги повикуваат надлежните институција да не дозволат натамошно влошување на состојбата, а Министерството за внатрешни работи го повикуваат „итно да ги преземе сите потребни дејства за сторителите што побрзо да се изведат пред лицето на правдата“.

„Брзата реакција на институциите е најдобар начин да се спречи натамошно влошување на општата безбедносна и политичка состојба. Случајот со петкратното убиство кај селото Смилковци претставува еден од најсериозните инциденти во последните години во Република Македонија. Токму затоа СДСМ е загрижена за настаните и будно ја следи состојбата на терен.“, се вели во писменото соопштение на партијата по повод грозоморното убиство.

ЛДП бара оставка од министерката Јанкулоска

Вонпарламентарната опозициска Либерал-демократска партија ЛДП побара оставка од министерката за надворешни работи Гордана Јанкулоска, по убиството на петтемина скопјани кај скопското село Смилковци.

„ЛДП бара министерката Јанкулоска конечно да покаже одговорност и веднаш да поднесе неотповиклива оставка, со што се надеваме дека ќе се создадат услови за преземање на одлучна акција од надлежните во МВР за најбрзо идентификување на сторителите на овој грозоморен чин“, се наведува во соопштението на ЛДП.

Од партијата велат дека се згрозени од свирепото убиство на петтемина граѓани во атарот на скопското село Смилковци, изразувајќи жалење за изгубените животи и упатувајќи сочувство до семејствата на убиените.

„Дополнително сме загрижени што, по долготрајниот молк, Министерството за внатрешни работи излезе со ткн. Прес-конференција која само ја потврди веќе констатираната немоќ на ресорниот министер. Наместо МВР да и’ се обрати на јавноста со јасни и прецизни информации во врска со овој трагичен настан, бевме сведоци на еден немушт настап, кој дополнително ја подгреа тензичната состојба. Повеќе од очигледно е дека министерката Јанкулоска не е кадарна да се справи со сериозноста на дадената ситуација, па на граѓаните им остануваат единствено информациите од домашните и медиумите од соседството“, велат од ЛДП нагласувајќи дека токму ова е причината за оставката што ја бараат од Јанкулоска.

ВМРО-ДПМНЕ апелира на одговорност од сите чинители

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ изразувајќи длабоко сочувство до семејствата на починатите од убиство кое синоќа се случи на Железарското езеро, кај скопско Смилковци, апелира до сите поединци и политчки партии да не се обидуваат да го злоупотребуваат овој грозоморен настан, како и тоа заеднички, одговорно и свесно да се постапува.

Истовремено поради ваквата голема трагедија  од партијата изразуваат надеж дека институциите на системот во најкус можен рок ќе ги најдат сторителите на овој брутелен чин и ќе ги изнесат пред лицето на правдата.

„Секое своеволно толкување и обид да се интерпретира овој настан без аргументи е неодговорен чин“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

УМС на ВМРО–НП: Згрозени сме од овој брутален чин

Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија изразува длабоко сочувство до фамилиите на убиените младинци.

“Згрозени сме од самата помисла дека постои некој кој на таков брутален и ладнокрвен начин посега по животите на младите луѓе” се вели во соопштението.

УМС на ВМРО-НП бара од надлежните институции максимално да се ангажираат во што побрзо решавање на случајот, исто така апелираме до сите граѓани, а посебно до младите да се воздржат од непромислени реакции и изливи на револт, бидејќи со таквите постапки само ќе ја усложнат и така кревката ситуација во моментов.

Ахмети-Волерс: Злосторството во Смилковци да се реши без предрасуди за мотивите

Претседателот на владејачката Демократската унија за интеграција (ДУИ),  Али Ахмети денеска се сретна со амбасадорот на САД во Република Македонија, Пол Волерс, при што беше разговарано за актуелните состојби во земјата, особено за зачленувањето на Македонија во НАТО, законот за лустрација и убиството во околината на Скопје.

Ахмети и Амбасадорот Волерс изразија жалење за трагедијата согласувајќи се дека е значајно да се преземе темелна истрага за случајот во кој беа убиени пет лица, како што рекоа, во сé уште неразјаснети околности, при што тие што го сториле ова злодело да се донесат пред лицето на правдата.

Соговорниците, исто така, се согласија дека институциите на земјава треба активно да ја менаџираат ситуација и преку активна истрага да го расветлат случајот. Граѓаните и медиумите според Ахмети и Волерс, исто така. треба да дадат свој придонес, при што не треба да се има предрасуди за мотивите за ова злосторство во близина на езерото кај скопското село  Смилковци.

OhridNews