Со Охридското Езеро и крајбрежието стопанисува државата и нејзините надлежни органи , па логично е тие да се грижат за неговата заштита. Тоа треба да го знае државниот секретар на Министерството за  животна средина,  Соња Лепиткова, која побара локалната самоуправа  да го чисти езерото, наместо  тоа да го побара во нејзиното министерство и во Владата, се наведува во реакцијата испратена од кабинетот на градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески.

Сметаме дека е политички непристојно и без аргументација, државниот секретар за заштита на животната средина Соња Лепиткова , да предлага, локалната самоуправа да набави машина за чистење на тињата која, според неа,  чинела 120 илјади евра. Предлогот на градоначалникот Петрески , за набавка на специјален брод за чистење на езерото и на македонската и на албанската страна, се темели на претходни консултации со експерти и искуства од други средини , како што е словенечкиот град Копар. Доколку , оние што директно се задолжени за заштитата на животната средина размислуваат сериозно , тогаш треба да ги прифаќаат и спроведуваат ваквите аргументирани иницијативи , наместо да нудат несериозни половични решенија, стои во испратената реакција од кабинетот на градоначалникот.

Оттамуу напоменуваат дека Охридското Езеро, како светско природно богатство е под заштита на УНЕСКО и грижата за него мора да биде заедничка . – Недозволиво е централната власт да стопанисува со езерото и крајбрежието , а товарот за заштитата , посебо за одржувањето на колекторскиот систем, да е на товар на општините Охрид и Струга. Уште полошо е што централната власт му дозволува на ЕЛЕМ , езерото да го третира како акумулација и да произведува електрична енергија , а ние да плаќаме високи сметки на ЕВН за работата на пумпните станици на колекторскиот систем, се наведува меѓу другото во дописот.

Во врска со изјавата на Лепиткова, реакција и од општинската ВМРО- Народна партија од каде исто така потсетуваат дека со Охридското езеро стопанисува Министерството за транспорт и врски, а од Охридското езеро со произведување на електрична енергија профитира ЕЛЕМ.

Бараме од средствата кои Министерството за транспорт и врски ги добива од концесиите на плажите и од средствата што ЕЛЕМ ги добива како профит од користењето на Охридското езеро за производство на електрична енергија, владините институции да набават машини за чистење на Охридското езеро кои ќе придонесат за заштита на водата и животинскиот и растителен свет во него, велат од ОК на ВМРО- Народна партија.

OhridNews