После девет години откако започнаа финансиски да го пустошат образованието и осум години владеење и билдање астрономски долгови од СДСМ – Охрид конечно се сетија и прашаа колкави се долговите кои ги остави нивната власт зад себе, се наведува во реакцијата од локалната самоуправа во врска со изнесеното на денешната прес конференција на општинската СДСМ .
– Ги потсетуваме господата од СДСМ дека долговите во образованието по разни основи во моментот кога народот ги симна од власт изнесуваа неверојатни, но вистинити 77 милиони 371 илјада денари и сега со големи напори, штедења и откажување од многу нешта, новата власт ги враќа долговите кои беа единствено дело на СДСМ во образованието. Што се однесува до успешното разделување на економското училиште од гимназијата, исто така СДСМ нема право да каже ни збор бидејќи со години се обидуваше да го реализира овој проект како и бројни други проекти кои не вродија со успех. Новата власт успеа да го создаде новото Средно стручно економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ и да назначи раководство на истото, а за останатите позиции низ една законска постапка ќе бидат пополнети со адекватни кадри, велат од локалната самоуправа .
Во однос на прашањето колку пари должат училиштата по основ на тужби, од локалната самоуправа додаваат дека тој долг постојано се менува, бидејќи колку средства и да се исплатат од старите долгови стигнуваат нови судски пресуди и дека постојано варира.
По пресот на ОО на СДСМ реакција следи и од општинската ВМРО- ДПМНЕ.
– Минатото локално раководство од СДСМ , ги предаде охридските основни училишта со долг од над 44 милиони 187 илјади денари, а средните со долг од 33 милиони 183 илјади 890 денари или вкупен долг од 77 милиони 371 илјади денари кои сега ги плаќа и враќа раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Вака ли СДСМ водеше грижа за образовните институции во градов? Вака ли со презадолжување? Ако СДСМ водеше сметка за образовните институции ќе настојуваше да ги реши имотно правните односи на училиштата и градинките кои од нивно време се потенцираа како сериозен проблем . СДСМ остави училиштата со блокирани сметки, без ниту еден реализиран проект , без основни услови за настава, без огрев. За период од една година и неколку месеци колку што е на власт градоначалникот Никола Бакрачески до основните училишта, Општина Охрид трансферира 16. 550. 645.00, а до средните 7. 910. 093. 00 денари а паралелно се работи на решавање на имотно правните односи кои во времето на СДСМ беа тотално запоставени, реагираат од општинската ВМРО- ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека ВМРО –ДПМНЕ работи и ќе работи на подобрување на условите за следење настава во училиштата.
– Во таа насока веќе се обезбедени уредни, ново молерисани училници за децата кои пред се ќе бидат топли во зимскиот период што не беше случај во времето на СДСМ . Училиштата добија нови уредни санитарни јазли кои беа вистински “хорор “ и извор на болести и зарази во времето на СДСМ . Локалната Власт и ВМРО –ДПМНЕ реализираа и ќе реализираат многу други проекти кои се во насока на поуспешно образование, велат од ОК на ВМРО- ДПМНЕ.
OhridNews