Во присуство на високи владини преставници, преставници на Парламентите, преставници на Општините, на УНЕСКО, Европската Унија и дипломатскиот кор, попладнево во Корча-Албанија се изврши и официјална инаугурација на Прекуграничниот Биосферен Резерват на УНЕСКО Охрид-Преспа.
На пригодна свеченост, преставници на Националните Комисии на УНЕСКО на преставниците на Билатералниот Комитет и Секретаријат кои беа носители на активноста, им го предадоа Сертификатот за прогласување на Прекуграничниот резерват. Пред присутните се обратија заменик премиерот на Република Албанија и Министрите за животна средина на Македонија и Албанија и преставници на мисиите на Обединетите Нации и УНЕСКО.
– Денешниот чин ни отвара една нова врата преку која можеме подобро да ги воспоставиме нашите врски , поголема погранична територијална соработка меѓу општините каде што економскиот развој е во прв план, а тоа е брендирање на разни производи, како на пример ресенските јаболка, медот. Ќе се придонесе и кон развој на туризмот со што ќе се излезе на европскиот пазар, рече заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски.
Биосферните резервати се подрачја утврдени од страна на земјите, а признаени според програмата на УНЕСКО „ Човек и Биосфера“, со цел да се промовира одржливиот развој заснован на напорите на локалните заедници и рационалноста на науката. Прекуграничниот биосферен резерват Охрид- Преспа ќе биде управуван од страна на Комитетот за управување со сливот на Охридското езеро, тело кое е формирано врз основа на билатералниот договор потпишан во 2004 година. Комитетот ќе биде организиран од страна на Билатералниот секретаријат со канцеларии во Охрид и Поградец.
– Една од главните компоненти е промоција во светот, влегување на нов вид туристи кои ќе дојдат во регионот, кои ќе бидат поврзани со уникатните вредности и кои ќе донесат нова елита туристи кои ќе ги користат вредностите на биосферниот резерват и од македонска и од албанска страна, изјави Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат.
Во моментов има 631 биосферни резервати во 119 земји во светот, од кои 14 се прекугранични.
Паралелно со настанот на главната улица во Корча денес се одвиваше и презентација на производи од Биосферниот резерват, каде на штандови се претставија Националните Паркови од Македонија, производители на земјоделски производи и производители на вино.
Известува од Корча-Тања Кувенџиска