Во АД ЕМО во тек е внатрешна реорганизација, која ја најави Владата уште во ноември 2011 година. Според предложените мерки за реструктурирање компанијата треба да се сведе на 500-600 вработени.

Директорот на ЕМО Зоран Филоски, за OhridNews потврди дека согласно владината програма се врши намалување на бројот на вработените, со цел да се разционализира работењето на компанијата, што треба да овозможи изнаоѓање на заинтересиран купувач.

-Се бара стратешки инвеститор кој ќе го преземе ЕМО и ќе продолжи со истата дејност, изјави Филоски.

Во меѓувреме тече судската постапка за стечај во дел од доелите, но до овој момент не е донесено ниту едно решение за отворање стечај во ЕМО.

-Стечајните управители на дел од ДООЕЛ-ите поднесоа иницијатива до судот, но засега не е донесено решение за отворање стечајна постапка за ниту еден ДООЕЛ. Судот е тој кој ќе одлучи дали и за кои ДООЕЛ-и ќе биде отворен стечај, информираше Филоски.

На отпочната реорганизација во ЕМО со соопштение денеска реагираше ВМРО НП, според која некогашната најголема фабрика во Охрид е на половина чекор до својот конечен крај.

-Имено, деновиве од работа отпуштени се преку петстотини работници, кои и така не примаа придонеси со месеци. Скоро сите работници, на кои им се ветуваше посветла иднина пред локалните избори, се испратени дома. Конечно го видоа вистинското лице на оваа ненародна власт. Залудни беа менувањата на безброј раководства и носењето на т.н. експерти од Скопје за спас на ЕМО кои додека работниците со месеци не земаа плата, тие примаа придонеси над 3000 евра.-стои во соопштенирто на ВМРО НП.

Инаку на крајот од 2011 година, државата во вид на траен влог ги презеде долговите за неисплатени плати и придонеси на вработените во охридски ЕМО. Од страна на Собранието, беше усвоен Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во АД ЕМО Охрид. Со него се предвидува со отпремнина компанијата да ја напуштат околу 1000 вработени, а на работа ќе останат 500 до 600 вработени.

Според тогашните проценки на Владата за реализација на предложениот пакет мерки за спас на „ЕМО“, ќе бидат потребни околу седум милиони евра.

Државата која е доминантен сопственик на акциите на АД „ЕМО“  претходно  шест пати се обиде да ја продаде компанијата по пат на тендер, но сите обиди завршија со неуспех.

OhridNews