Опозициската коалиција предводена од СДСМ нема да ги признае резултатите од претседателските и предвремените парламентарни избори, изјави непосредно по завршување на изборниот молк претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Тој на прес конференцијата која е во тек, рече дека власта не покажала капацитет и желба да спроведе фер и демократски избори и со низа малверзации, притисоци и други средства не дозволила во Македонија да има фер избори.
Заев обвини за злоупотреби на државните ресурси и медиумите во изборни цели и ставање на институциите на системот во функција на патиски интереси.
-Граѓаните на Македонија се измамени. Власта на чело со Никола Груевски покажа дека нема минимум волја да спроведе елементарен демократски изборен процес. Власта најбезобразно спроведе уште едни нефер, недемократски и нецивилизирани избори. Власта на чело со Никола Груевски уште еднаш го узурпираше уставно загарантираното право на граѓаните на Република Македонија за слободно изразување на нивната волја. Повеќегодишното практикување на закани и уцени и конечната реализација на тие закани и уцени од страна на власта овозможи целосна системска контрола врз граѓаните и гласачите во текот на изборниот процес вклучувајќи ги и изборните денови на претседателските и предвремените парламентарни избори. Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ го злоупотребија целиот систем исклучиво во свој партиски интерес. Македонската јавност беше сведок на незапамтени притисоци врз јавната администрација со 100-процентна контрола и успешност.-изјави Заев.
Лидерот на СДСМ побара независно од изборните резултати да се формира техничка влада која ќе спроведе фер и демократски избори, без што, како што рече нема иднина за Македонија.
-Во име на заштитата на волјата на граѓаните на нивните гласови и нивните права, во име на заштита на демократикјата, човековите и цивилизациските придобивки во Република Македонија, овие и вакви криминални избори не признаваме. Бараме итно формирање на техничка влада што ќе овозможи спроведување нормални и фер пртседателски и парламентарни избори во земјата. Власта спроведе изборен грабеж. Нема член од Изборниот законик што власта не го прекрши, сите членови и од Кривичниот законик што се однесува на изборите се прекршени. На овие избори власта го контролираше својот народ, бараме и мора да се одрганизираат избори на кои што народот ќе ја врати контролата во свои раце и ќе избере власт по сопствена волја и убедување без притисоци, без уцени, без купување на гласачи.-рече Заев.
OhridNews