„ВМРО ДПМНЕ и Никола Бакрачески си поиграа со судбината на 20-тина вработени во детската градинка „Јасна Ристеска“. Луѓето се оставени во неизвесност, да работат како волонтери, иако во Буџетот беа предвидени 6.560.000 денари за да бидат исплатени како времено вработени“, регираа денеска преку писмено соопштение од охридскиот огранок на СДСМ.

Оттаму потенцираат дека со новиот ребаланс на општинскиот Буџет, оваа ставка е намалена за огромни 5.560.000 денари и е сведена на само 1.000.000 денари.

-Власта си поигрува со егзистенцијата на овие вработени во градинката и со тоа што тие се платени далеку под минималната плата во државата иако чесно си ја извршуваат работата. СДСМ апелира општинската власт да ја преиспита и повлече ваквата срамна одлука и еднаш да им стави крај на недостојните начини на искористување на работната сила на вработените во детската градинка „Јасна Ристеска“, пишува во писменото соопштение.

На соопштението на СДСМ, попладневно реагираа од општина Охрид, од каде што потенцираат дека градоначалникот Никола Бакрачески, со факти јавно обелоденил за некоректниот однос на минатата локална гарнитура кон лицата кои работно ги ангажирала во училиштата и градинките, а притоа не им ги исплатила договорените парични средства.

-За разлика од минатата, сегашната локална власт како одговорна не бега од проблемите туку со истите се соочува и тогаш кога тие се наследени како што е случајот со вработените со договор на дело во училиштата и градинките. Со започнатиот процес за склучување спогодби со лицата кои минатата локална власт ги ангажирала во воспитно образовните институции, општината покажува дека им подава рака и сочуствува со охриѓани кои ги изманипулирала минатата локална власт злоупотребувајќи ги за партиски цели. Општина Охрид, изразува жалење што со соопштенија од ваков тип, СДСМ јавно им се исмејува на маките на охриѓани кои таа им ги создала, регираат од општина Охрид.

Оттаму изразуваат жалење што СДСМ денес јавно ги погледнала со презир лицата кои работно ги ангажирала во образовните институции и притоа не само што не им плаќала социјално и здравствено осигурување туку ги оставила и без договорените пари кои чесно си ги заработиле.

Реагираше и ВМРО ДПМНЕ. Велат дека партијата која на улица остави стотици луѓе затоа што избега од одговорноста да им ги плати сработените пари, денес се дрзнала да дели некаква правда за охриѓани кои работат во воспитно – образовните институции во градот.

-Со денешниот потег на локалната власт, односно со започнатиот процес на склучување спогодби за исплата на парични средства кон лицата кои минатата власт работно ги ангажирала во воспитно – образовните институции, власта на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека ги заштитува граѓаните кои СДСМ безмилосно ги фрли во оган.  Премногу е дрско, партијата која ги изманипулира охриѓани за изборни цели и која ги отфрли како“ стари крпи“ да ја критикува Власта на ВМРО-ДПМНЕ која ги подмирува обврските кон овие лица кои требаше да бидат исплатени од власта на СДСМ. – стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews