Општина Струга, денеска, започна акција за отстранување на времени објекти и урбана опрема поставена во центарот на градот.

Со акцијата, која се одвива со полициска асистенција,  се опфатени десеттина објекти на централниот плоштад , а како што најавуваат од локалната самоуправа истата ќе продолжи и во наредниот период се додека не бидат отстранети сите времени објекти опфатени со одлуката донесена од страна на советот.

-Сопствениците на времени објекти имаат добиено извршни решенија и известување уште пред три недели. До 21 септември  требаше да ги отстранат сами. Доста совесни граѓани сами ги отстранија објектите, другите можеби не можеле па ќе ги отстраниме ние. – изјави Мунир Бајрактар раководител на сектор за инспекциски надзор при општина  Струга.

Од општина Струга објаснуваат дека одлуката за отстранување на времените објети била донесена уште пред шест месеци, но во интерес на сопствениците, им било дозволено да продолжат со работа до крајот на туристичката сезона.

Според советничката група на ВМРО ДПМНЕ акцијата ја спроведува градоначалникот Села, бидејќи Државниот инспекторат за локална самоуправа од јули оваа година донел решение со кое се поништува одлуката на градскиот совет за отстранување на времените објекти во Струга.

– Точно е дека ваква одлука беше донесена во совет и беше разговарано да им се најдат соодветни локации на луѓето кои ќе бидат оштетени, меѓутоа бидејќи инспекторатот реши тоа да го запре, сакам да кажам дека се ова градоначалникот го прави на сопствена волја.-вели Перо Петкоски – советник на ВМРО ДПМНЕ.

Сопствениците на времени објекти истакнаа дека со нивно отстранување, тие и нивните семејства ќе останат без егзистениција. Од локалната самоуправа, пак, информираат, дека на просторот каде се спроведува акцијата, не се поредвидува поставување времени објекти. Оттаму појаснуваат дека градскиот плоштад ќе биде соодветно уреден и ќе добие современ лик, а сопствениците на времени објекти дејноста ќе може да ја обавуваат на локации предвидени за поставување урбана опрема, согласно програмата за таа намена донесена од општината.

OhridNews