Една од најстарите џамии во Струга, заштитена со закон, Мустафа Челеби џамијата, од вчера се урива од страна на струшкото муфтивство, информираат од Завод и музеј- Охрид. Оттаму, тврдат дека уривањето се врши незаконски и без дозвола од институцијата, за што се информирани муфтивството, како и полицијата и другите надлежни институции.


Директорката Тања Паскали- Бунташеска за OhridNews изјави дека бил остварен контакт со месниот муфтија на кого му било предочено дека не смее да се урива џамијата- споменик на културата, на што добила одговор дека започнатите активности се одвиваат со согласност од струшката локална самоуправа.

-Ние ги презедовме сите потребни мерки, разговарав и со муфтијата кого го молев да не се урива и да не се преземаат дејствија, но џабе, едноставно тие си го спроведуваат тоа што го замислиле и не фермаат никого, изјави Тања Паскали Бинташеска, директор на Завод и Музеј – Охрид, која побара веднаш да запре уривањето на џамијата.


Струшкиот муфтија Ферат Полиси, денеска не беше во своите канцеларии, бидејќи отпатувал за Тетово. Во телефонски разговор тој на новинарите кусо им одговори дека не се урива целата џамија, туку само помошна просторија, која не е под заштита на Заводот и Музеј, но не прецизираше дали започнатите активности се одвиваат согласно законот.

Верниците vво Струга се поделелени околу уривањето на делови од Мустафа Челеби џамијата. Според едни треба да се заштити и зачува старото, според дуги, новиот објект кој ќе се изгради, ќе биде подобар.

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко е отсутен од земјава. Во телефонскиот разговор што го направивме тој се воздржа од коментар, бидејќи немал увид што точно се урива во комплексот на Мустафа Челеби џамијата, посочувајќи дека локалната самоуправа тука нема ингеренции, бидејќи таа е споменик на културата заштитен со закон.

На просторот на Мустафа Челеби џамијата и денеска се одвиваа градежни активности.

OhridNews