Охридските села Куратица, Ливоишта, Вапила и уште неколку села од Охридскиот регион во реонот на Прентов Мост, денеска попладне добија електрична енергија. Според информациите од локалното население, екипите на ЕВН по целодневна работа на терен успеале да го надминат проблемот со електроснабдувањето, кој беше актуелен во текот на изминатите седум дена.

Во последното соопштение од ЕВН Македонија информираа дека во текот на денешниот ден струја добиле селата Велестово и Радожда, како и сите села во Преспанскиот регион. Во текот на вчерашниот ден било нормализирано снабдувањето со струја во Долно и Горно Лакочереј, Климештани, на дел од Мешеишта и Требеништа.

Според информациите од ЕВН вчера било стабилизирано и снабдувањето со струја во струшките села Лабуништа, Октиси и Боровец.

-Во Делогожда екипите на ЕВН и жителите на овие села заеднички се пробиваат до завеаните столбови и ќе се работи додека не се нормализира снабдувањето. Во струшкиот регион од вчера под напон се Калишта, Франгово, Радолишта, Феришта, Дреслаица, Мороишта, Ложани, Ливади, Биџево, Вевчани и Велешта. Трафостаницата Центар Жупа од вчера е под напон и пуштени се 10 Кв изводи кон селата од оваа општина, информираа од ЕВН.

Оттаму нагласуваат дека на потегот од Жировница до Бошков мост, снежното невреме и силниот ветер комплетно ја уништиле дистрибутивната мрежа, и 35 кВ и 10 кВ далекувод. На овој потег се прави нова врска, за само еден ден се подигна сосема нов далекувод од 12 столба, и денес со специјализирани екипи и чамци се поставуваат два нови столба и се премостува врската низ езерото.

OhridNews