Во присуство на голем број личности од јавниот живот во Македонија, меѓу кои Архиепископот Охридски и Македонски, поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, заменик претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Ставрески, градоначалникот на Општина Центар-Скопје Владимир Тодоровиќ, директори на државни институции, претставници на локални самоуправи, банкарскиот, бизнис и невладиниот сектор, деловни партнери и купувачи, „Адора Инженеринг“ со гала свеченост го прослави 10 годишниот јубилеј.
„Примерот на компанијата „Адора Инженеринг“ потврдува дека може да се остваруваат високи резултати во работењето и во услови на криза. Со остварен најголем успех меѓу две деловни години, во време насветска економска криза „Адора Инженеринг“ во 2011 година е меѓу петте најуспешни и најбрзорастечки компании во Македонија со највисока стапка на раст на вкупните приходи, на обртниот капитал и кредибилноста“– истакна вицепремиерот Ставрески.
На бонитетот на „Адора Инженеринг“ се осврна директорот на Централниот регистар на Република Македонија, Ванчо Костадиновски, според кого потврда за динамичниот развој на компанијата, која секоја година се искачува по неколку места нагоре според успешноста во работењето, е рангирањето на 20-тото место за 2011 година и позицијата меѓу петте најбрзорастечки фирми во Македонија.
Генералниот директор на „Адора Инженеринг“, Ванчо Чифлиганец, се осврна на неговиот професионален и животен пат и успехот на „Адора Инженеринг“, најавувајќи дека компанијата во „спортско-шампионски“ стил, ќе продолжи да работи посветено на реализација на тековните проекти, но и на нови, меѓу кои е и планот за изградба на станбено-деловниот комплекс ПОРТА-СКОПЈЕ во општина Центар, инвестиција вредна 100 милиони долари.
На гала настанот беше промовирана и монографијата на компанијата „Само делата се вистина“.
На прославата беа доделени голем број плакети и благодарници во знак на благодарност за придонесот на државни институции, општини, вработени, деловни соработници, здруженија, медиуми и поединци, за развојотна „Адора Инженеринг“.