Советниците на ВМРО ДПМНЕ ја напуштија седницата пред отварањето на расправата за поскапување на услугите на јавните претпријатија, вклучително и на цената на водата за пиење.

Немаме намера да даваме легитимитет на носењето на одлуки кои го засегаат економскиот буџет на граѓаните. Затоа ја напуштаме седницата и оставаме сами да си одлучите околу зголемувањето на цените. Напоменуваме дека сме жестоко против ваквите одлуки и ќе примениме секакви мерки против нелогичното зголемување на цените на комуналните услуги, рече координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски.


Тој истакна дека зголемувањето на цените на услугите на јавните претпријатија не е случајно и дека е поврзано со распишаниот тендер за продажба на МЈП Проаква и преговорите кои полутајно се водат за продажба на претпријатието.

– Сметаме дека некој сето тоа сака да го стави на врз грбот на граѓаните и сето ова се прави со цел дефокусирање на јавноста од вистинските мотиви за покачување на цените на услугите на охридските јавни претпријатија, рече Паноски.

По образложението на Пановски советничката група на ВМРО ДПМНЕ ја напушти седницата.


Според градоначалникот Александар Петрески, напуштањето на седницата е недемократски чин и се должи на тоа што ВМРО ДПМНЕ не сака да се соочи со фактот дека поскапувањето на цената на водата се должи на договор што своевремено е направен помеѓу владата, раководена од оваа партија и поранешните градоначалници на општините Охрид и Струга.

Ние слушавме вие што кажавте, така треба и вие да чуете што ние имаме да кажеме, а при носењето на одлуката може да си замините. Очигледно немате доблест ниту да ги сослушате другите советници, рече Петрески. 

Според координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, напуштањето на седницата од страна на советниците од ВМРО- ДПМНЕ е избегнување од соочувањето со фактите. – Јавноста заслужува да ги слушне фактите кога се расправа за одредени одлуки, рече Тунтев.

На денешната седница Советот ја усвои програмата за  работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Охрид за 2012 година, како и интегрираната студија за состојбата на остатокот од Студенчишкото блато и превземање на мерки за негова ревитализација. На седницата беше  усвоена и методологијата за распределба на блок дотацијата за основно и средно образование  и за  измени на распоредот на средствата во Буџетот на општина Охрид за 2012 година.


Без присуство на советниците од ВМРО- ДПМНЕ, донесени беа и одлуките за утврдување на висината на надоместокот за одведување на отпадни води,  за определување на цените за вода, канализација и одведување и прочистување на отпадните води за корисниците од подрачјето на општина Охрид и Струга, одлуката за утврдување на нови цени на ЈП „ Охридски комуналец“ ,  дополнувањата на програмата за изготвување на урбанистички планови и за  продолжување на важноста на одлуката за поставување урбана опрема.

Советниците дадоа согласност и за изменување на Одлуката за утврдување на надоместокот на услугите што ги врши ЈП „Градски гробишта“, а беше прифатена и иницијативата за  подигање спомен обележје за одбележување на Богојавление – Водици.
 

OhridNews