Советот на општина Охрид по речиси два часа деловничка расправа исполнета со паузи, со 13 гласа За на владејачкото мнозинство, седум против и еден воздржан, донесе одлука како итна, прва точка на дневен ред на 23-та седница да го стави предлогот на советникот Коста Трифуноски за разрешување на Томислав Тунтев од функцијата советник. Причина за ваквото барање, како што образложи Трифуноски, е неспоивост на функциите пратеник и советник.
– Собранието на РМ ги верификува мандатите на сите 123 ново избрани пратеници во Собранието на РМ, а еден од нив е и Томислав Тунтев. Според тоа, имајќи во го предвид фактот дека со верификацијата на мандатот за пратеник во Собранието на РМ од 10.05.2014 год. Томислав Тунтев веќе станал пратеник во собранието, согласно одредбите од изборниот законик му престанува функцијата член на Советот во Општина Охрид. Согласно законот за локална самоуправа на член на Советот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран ако настапи случај на неспоивост со функцијата член на Советот на Општината. Сметам дека во овај случај очигледен и ноторен е фактот дека Томислав Тунтев веќе е пратеник во Собранието на РМ со верификуван мандат, така што таа негова функција е неспоива со функцијата член во Советот на Општина Охрид, рече Трифуноски.
На ова реагираше опозцијата во советот која укажа дека мандатот на пратеник на Тунтев е заверен од мнозинството во Собранието против негова волја и без негова согласност.
– Итно ја ставија точката на дневен ред, итно го завршија сето ова иако претходно немаме сериозна експертиза . Мислам дека ова треба да се решава на повисоки инстанци, но забораваат дека советниците со едно ЗА дадоа легитимитет на една според мене недоречена правна одлука, а истовремено сите меѓународни фактори ни забележуваат дека има спој на партијата и државата, изјави советникот од ЛДП Дејан Блажески.
По разрешувањето на Томислав Тунтев од функцијата советник седницата беше прекината по барање на опозицијата која остана без еден свој советник.
Т.К.