По двочасовна расправа Советот на Општина Охрид, претпладнево, со 15 гласа „За“ и 6 воздржани го усвои Буџетот на Општина Охрид за 2022 година.
Буџетот е проектиран на 652 милиони денари, или 10,6 милиони евра. За 2022 година најмногу средства се издвојуваат за уредување на градежно земјиште, за територијалната противпожарна единица, за туризам, за програмата за спорт и рекреација, јавно осветлување и јавна чистота. Најголемиот прилив на средства се од данокот на имот, и од комуналии. Како што истакна Градоначалникот Кирил Пецаков, Буџетот е генерално реален за разлика од Буџетот за минатата година кој изнесувал 730 милиони денари.
Ние како Локална самоуправа заедно со службите ќе се трудиме реализацијата на Буџетот да е многу блиску до она што претставува законски 95 проценти реализација. Секоја година Буџетот ќе биде планиран врз основа на приходите кои просечно се остваруваат во една година со цел да имаме огромна реализација на Буџет, а со тоа и желбите на граѓаните коишто ќе бидат вметнати во буџетот да бидат реално остварливи, а не да имаме разлика како што беше минатата година од 212 милиони денари од планирано до остварено. Тоа е затоа што кога се прави Буџет често како Локална самоуправа сакаме да им излеземе во пресрет на граѓаните, и се предвидува повеќе од она што реално една Општина може да си го дозволи. Заради тоа, секоја година буџетите ќе бидат предвидувани онака како што претставуваат просечните приходи во една општина за една година, истакна Пецаков.
Забелешките на опозицијата и коалицијата во однос на Буџетот за 2022 година беа насочени најмногу во намалувањето на капиталните трошоци и во програмите за јавна чистота и за конструкција на паркови и зеленило, наспроти, како што вели советничката Живка Ангелоска, непродуктивните трошоци. Забелешката не е во однос на износот туку во структурата. Буџетот, вели е пресликан од минатата година.
Во овој буџет се намалени капиталните трошоци во програмата уредување на градежно земјиште за 40 милиони денари, потоа во програмата за изградба и реконструкција на улици и патишта за 14 милиони денари, во програмата за изградба на системи за водоснабдување околу 20 милиони денари и во програмата за иградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води за 12 милиони денари. Во пракса ова значи дека граѓаните оваа година ќе имаат многу помалку сретства за изградба на улици, реконструкција на улици за нови системи за водоснабдување како и за изградба на нови системи за пречистување и одведување на нови отпадни води. Со овој буџет не се поштедени и студентите, затоа што и стипендиите за студентите се намалени во износ од претходно во 4 милиони сега се на 1 500.000 денари што би значело дека околу 80 студенти ќе аплицираат и ќе ги задоволат сите услови, меѓутоа нема да стигнат до стипендии, истакна Ангелоска
Власта на став дека Буџетот е реален, а целта е повисок квалитет на јавните услуги, повисок степен на економски развој и подобрување на животниот стандард. Според координаторот на Советничката група од ВМРО-ДПМНЕ, Перчо Божиновски, минатата година во дел од програмите каде биле проектирани средства, имало нула проценти реализација, како во програмите за капитални трошоци за одржување на паркови и зеленило, за спорт и рекреација. Не биле реализирани ни капиталните трошоци во делот на културните манифестации и творештво, а 50 проценти од проектираното било реализирано во програмата за системите за одведување пречистителни отпадни води. Според Божиновски, буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи.
Целта на средствата кои сега се планирани е врз основа на реалниот буџет којшто навистина го има како целосен приход Општината. Не е цел само да креираме мелагомански буџети туку треба она што навистина можеме да го направиме да се направи, а не само да им ветуваме на граѓаните и потоа со разни ребаланси да ги намалуваме тие средства за на крајот реализацијата да ни биде по многу ниско ниво, вели Божиновски.
Средствата се распределени во програми по сектори и одделенија, кои исто така добија зелено светло од советниците. Седницата ја следеа претставници на ОБСЕ/ОДИХР.
К.А.















