Советот на општина Струга по 10 часовна расправа, вечерва, со 14 гласа „За“ го донесе Буџетот за 2014 година кој локалната самоуправа го проектираше на 858 милиони денари, или околу 13 милиони евра. Буџетот го поддржаа советниците на ДПА, ВМРО ДПМНЕ, ВМРО НП и еден советник на ПЕИ, додека ДУИ, СДСМ, РДК и еден советник на ПЕИ биле против

-Буџетот е проектиран развојно. Во него се предвидени 120 милиони денари за капитални ивестиции како изградба на локални патишта, инфраструктурни проекти и подобрување на водоснабдувањето. Направена е добра проценка на средствата кои треба да доаѓаат од донации и дотации на државата, собирање на такси и даноци и доколку тоа биде така реално ќе се реализира буџетот, истакна Мустафа Забзул, советник од ДПА и претседател на комисијата за финансии и буџет.

Тој посочи дека нема зголемување на јавните давачки и такси и дека истите се реални.

-Се надевам дека граѓаните ќе бидат совесни и дека ќе ги подмируваат јавните давачки, а тие средства потоа ќе им се вратат преку реализација на проекти од јавен интерес, посочи Забзул.

Советничката група на ВМРО ДПМНЕ во текот на расправата се изјасни дека  го поддржува предложениот буџет и дека истиот е реален и остварлив. За разлика од неа, советничката група на СДСМ со критика дека буџетот е нереално проектиран и оти во него не се предвидени доволно средства за спорт, култура, детска заштита… и истиот не е во интерес на граѓаните на општина Струга.

OhridNews