Давеник утрово бил спасен од водите на Охридското Езеро на плажата помеѓу Славија и Застава кај Св. Стефан. Информацијата ја потврдија од охридскиот Црвен крст, од каде информираат дека се работи за 22-годишно лице со хендикеп од Гостивар. Благодарение на присебноста на неговите другари момчето било навремено извлечено од водата, а прва помош му пружил лекар кој случајно се нашол тука.


Веднаш пристигнале и спасителите на Црвениот крст од Орце Николов, бидејќи плажата кај Св. Стефан и покрај тоа што има повеќе угостителски објекти во тој дел нема ангажирано спасители.

-Веднаш била извршена реанимација и вештачко дишење, по што давеникот е пренесен во охридската општа болница и според последните информации добиени од таму, неговата состојба засега е стабилна, истакна Сашо Точков од Црвен крст Охрид.


Тој рече дека овој инцидент треба да биде сериозно предупредување за концесионерите на плажите кои и покрај законската обврска ги игнорираат безбедносните мерки и немаат ангажирано обучени спасители на вода.

-За среќа денешниот инцидент не заврши трагично, но опоменува дека не смее да си поигруваме со безбедноста на капачите. Одредени плажи и натаму ги игнорираат законските одредби и покрај забелешките на надлежните институции работат без ангажирани спасители на вода.-рече Точков.

Најголемиот дел од плажите издадени под концесија на охридската ривиера имаат ангажирано спасители и ги почитуваат пропишаните мерки за безбедност на посетителите.

OhridNews