На последната седница на Советот на Општина Охрид, за советнички прашања, за жал градоначалникот Бакрачески и советничкото мнозинство се надминаа себе си. Не дека не сме свесни дека советниците од мнозинството ќе поставуваат афирмативни прашања, кои однапред им се дадени, а кои ќе му овозможат на градоначалникот максимално да се самофали за постигнатите успеси. И за тоа аферим, си кажа за сите успеси кои ги има постигнато во изминатата година и пол. Колкави се, нека проценат граѓаните, велат од општинската ВМРО- Народна партија.
Како што додаваат од партијата, она што изненадува се паушалните одговори на Бакрачески од говорницата.
– Господине Бакрачески, дали некој ти дава погрешни информации и сака да те наседне или пак толку на твојата екипа ви е знаењето, тоа вие си го знаете. Но, твоите правни експерти дури и од правниот факултет или те лажат или и тие не знаат. Впрочем, МЈП „Проаква“ никој и никогаш не може да ја продаде, нити некој се обидел. Одлука за постапката за отпочнување постапка е донесена од страна на Управниот одбор на МЈП „Проаква“ – Струга. Ваше е да проверите, а наше е да ве потсетиме дека претседател на тој Управен одбор во тој период беше токму од ДПМНЕ. Советите на Општина Струга и Општина Охрид дадоа согласност на одлуката и тоа Советот на Општина Охрид на 30.08.2010 година, а на Струга на 30.09.2010 година. Градоначалниците на Охрид и Струга донесоа Одлука за формирање на Комисија за спроведување на постапката, одлуката е архивирана и можете да ја презентирате во јавноста во секое време да се види кои „лоши“ правници членуваат во неа, велат од ВМРО- НП.
Оттаму велат дека целокупната постапка е водена во рамки на законите и транспарентно.
– Целокупната документација за водената постапка, почнувајќи од физибилити студиите, тендерската документација, одлуки, заклучоци, записници ја имате во архивата на МЈП „Проаква“ во Струга, а по еден примерок по завршувањето на постапката е доставена во Владата на РМ, Министерството за финансии и Министерството за локална самоуправа, а во тек со целокупната постапка беше и Бирото за јавни набавки. По завршената постапка, Комисијата на градоначалниците на Охрид и Струга им достави известување и резултати од еваулацијата на понудите. Од кои причини не се потпиша договорот, тоа е друго прашање, а веројатно има и политички мотиви. Ова како партија сме должни да и го предочиме на јавноста заради запознавање со вистината, велат од ВМРО-НП.
Додаваат дека склучување на договор, врз претходно спроведена постапка не е можно, а дека евентуално нова спроведена постапка може да се направи од страна на градоначалникот Бакрачески, но под услов да се согласи и градоначалникот на Струга, Зијадин Села.
Реакција на општина Охрид
„Соопштението на партијата така нарачена ”Народна” која е само сателит на СДСМ- Охрид и за која никој не знае дали има повеќе од двајца членови, уште еднаш покажа дека оваа партија служи само за да ги оправдува штетни дејствија кои СДСМ -Охрид ги правел додека бил на власт.
И така како што претпостави Градоначалникот Бакрачески од говорницата, им требаа цели три дена да го соберат целокупниот „интелектуален потенцијал“ и да создадат смешно небулозно соопштение кое само тие го разбираат.
Се разбира таму каде што треба да дискутираат тие не поседувајќи ни минимум знаења од темите кои се дискутираат , а тоа е градскиот Совет, седат со наведнати глави и молчат, исто како кога учителка ќе искара дечиња во градинка.
Читајќи го соопштението на „Нардона партија” се прашуваме дали тие мислат дека целата постапка околу концесионирањето на „Проаква“ и „Нискоградба” ја воделе Марсовци, а не раководството на Локаланта самоуправа.
Тоа што го напишаа околу правилата за водење на постапката е многу неважна работа и ние тоа го учевме во петто одделение.
Но , на јавноста тие не и ја објаснија суштината на постапката.
Господата од Народна партија нека одговорат пред јавноста дали е на штета на Охрид и охриѓани следново:
1. Поскапување на цената на водата од 40 % од сегашанта цена, и тоа не само за водата туку и на тарифата за одведување на отпадни води и атмосферска каналзиација.
2. Концесија во траење од 30 години .
3. Формриање на ново претпријатие кое ќе стопанисува со сите овие приходи , а во кое ќе бидат вработени само 260 луѓе од вкупно 617 колку што денес ги има во „Проаква“ во „Нискоградба“ и во „Колектор“ – Струга.
4. Оставање на „Проаква“, „Нискоградба“ и „Колектор“- Струга без извори на приходи во иднина и нивна ликвидација.
5. Преземање на сите побарувања од „Проаква“ и „Нискоградба“ во износ од 470 милиони денари на конто на новосоздаденото претпријатие.
6. Оставање на сите долгови што во моментов ги имаат трите претпријатија, а кои се поголеми од 10 милиони евра како обврска на општините Охрид и Струга.“-се вели во соопштението на општина Охрид.
OhridNews