Србија не ја затворила границата со Македонија, туку се работи само за застој при протокот на мигрантите, велат од Министерството за внатрешни работи.
Претходно, во текот на денот Србија преку министерот на внатрешни работи Небојша Стефановиќ најави дека во понатамошниот период во земјата ќе биде дозволено да влезат онолку бегалци колку што ќе биде предвидено да влезат во Австрија.
Австрија ваквиот развој на настаните го најави уште минатата недела, односно на средбата помеѓу шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц и македонскиот министер за надвореши работи Никола Попоски во Скопје. Курц тогаш рече дека горната граница на Австрија за примање на бегалци оваа година изнесува 37.500, и дека извесно е оти веќе за неколку месеци оваа бројка ќе биде достигната.
На средбата со Курц од министерот за надворешни работи Никола Попоски беше потенцирано дека при еден ваков развој на настаните, тогаш Македонија ќе дозволи во земјата да влезат онолку мигранти колку што тоа ќе го предвиди Австрија, а сега сличен чекор најави и Србија.
OhridNews
Извор: „Макфакс“