Советот на општина Охрид на последната седница во актуелниот состав што е презакажана за утре, меѓу другото, ќе расправа по Предлог Одлука за потребата од прогласување на стариот Чинар (платанус ориенталис) на плоштадот „Чинар“ како „споменик на природата“ и усвојување на елаборатот за валоризација, санација и ревитализација на чинарот.
Согласно елаборатот кој го изготви Друштвото за еколошки консалтинг Деконс Ема од Скопје во рамки на проектот на Одделението за заштита и влијание врз животната средина при општина Охрид, единаесет века стариот чинар во центарот на Охрид, кој според преданијата го засадил Св. Климент Охридски, ќе биде ревитализиран и соодветно заштитен.
– Целта е низ валоризација на степенот на загрозеност на стеблото да се направи програма за негова заштита која ќе има за цел да се испита она што е направено претходно како заштита, за што заклучивме дека всушност и не била квалитетна заштита затоа што во самото дрво се случуваат некои процеси на гниење. Предлагаме мерки за отткривање на она што е како подлога направено и подготовка на нова подлога за заштита на дрвото на годишно ниво, долгорочно и стабилизација на крошната, објаснува Менка Спировска, управител на Друштвото за еколошки консалтинг Деконс Ема.
Во елаборатот за валоризација содржана е и програма за одржување на Чинарот и долгорочна заштита, за што од општинскиот буџет треба да бидат обезбедени средства.
– Од општинскиот буџет на годишно ниво ќе треба да се издвојат околу 15000 евра, но голем дел од парите ќе бидат искористени за да се открие она што е направено со досегашната заштита, да се реставрира дрвото, да се изврши стабилизација на крошната и таа редовно да се уредува на есен и во пролет, вели Спировска.
Процедурата на прогласување на Чинарот за споменик на природата ќе започне со одлуката на советот, која потоа ќе биде проследена до министерството за животна средина каде со акт ќе се изврши прогласувањето на споменик на природата. Во иднина слична постапка ќе има и за другите чинари во Охрид, како и и на познатиот кочеџик кај црквата Св. Богородица Перивлепта.
Овие стебла беа прогласени за природно наследство според стариот закон од 1973 година и требаше да се отпочне нова постапка за нивно препрогласување, односно да се стават во законска рамка според постоечкиот Закон за заштита на природата.
OhridNews













