Индискиот бизнисмен Субрата Рој, попладнево со приватен авион слета на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Тој предводи поголема делегација од неговата компанија „Сахара Индиjа Паривар“ во која е и неговиот син, кој исто така пристигна со приватен авион.


Веднаш по слетувањето, Субрата Рој даде изјава за медиумите, во која истакна дека ја сака Македонија и затоа е тука.

Знам дека сте тука за да ме прашате за бизнисот. Токму поради тоа донесов поголема делегација. Работите сега веќе созреваат. Имаме големи амбиции и планови, но за тоа секако потребно е многу време.“ – изјави Субрата Рој.


Предвидено е индискиот бизнисмен утре да ја посети локацијата во Љубаништа, каде според најавите треба да се гради туристичкиот комплекс „Сахаријан Македонија“. Субрата Рој во рамките на тридневната посета ќе оствари средба со претставници на владата, меѓу кои и со премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Зоран Ставрески, а на покана на претседателот Ѓорге Иванов ќе биде гостин на отворањето на фестивалот „Охридско Лето“. Исто така, се очекува Рој да оствари средба со охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, на која ќе се разговара за најавената инвестиција во Љубаништа.

Индискиот бизнисмен на 13-ти јули во Охрид ќе организира гала вечера, на која се очекува да присуствуваат високи владини и државни претставници, како и членови на дипломатскиот кор во Македонија.


Компанијата „Сахара Индија Паривар“ кај Љубаништа сака да го изгради најголемиот туристички ресорт на природно езеро, кој според најавите ќе се протега на површина од над 240 хектари. Неодамна компанијата побара да и се обезбедат дополнителни 17 хектари земјиште за изградба на сместувачки капацитети кои ќе ги користат работниците кои ќе бидат ангажирани на изградба на комплексот кој содржи луксузен хотел на вода со казино, марина и повеќе елитни населби.

Субрата Рој претседател на групацијата „Сахара Индија Паривар“ и неговата делегација од 50 луѓе пристигнаа со два приватни авиони на охридскиот аеродром.  За време на посетата, мултимилионерот и гостите ќе бидат угостени во хотелите Гранит, Инекс Горица и Славија Спектар.

Во текот на наредните денови Рој ќе има директни средби со владините претставници, со што ќе се дискутира за реализирање на големите инвестиции во Македонија од страна на групацијата Сахара.

OhridNews