Меѓу бројните верници кои утрово се фрлаа по Светиот крст во осветените води на Охридското Езеро, најсреќен беше 26-годишниот Петар Рупески од Варош. Тој по трет пат успева да доплива до крстот, кој денеска во осветените води го фрли Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј.

-Годинава беше многу ладно, но сепак денот беше сончев и убав. Чувството е преубаво како прав пат да го фаќам крстот, неописливо и секогаш посебно. Посебни подготовки за овој ден нема, сепак тоа е некое чувство што те води да стигнеш некако до крстот и ако Господ сака да е за тебе. Вербата во Господ треба да биде единствената цел и мотивот да биде само верскиот празник, изјави Рупески.

Ладното време и ниската температура на водата не ги поколеба верниците, a над 500 лица одлучија да се искапат во осветената вода и се обидат да го фатат светиот крст.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески рече дека е многу задоволен од начинот на кој годинава била организирана и се одвивала целата манифестација.

-Во прекрасна атмосфера и во ведро расположение и со помош на Господ оваа година се осветија водите на Охридското Езеро со Чесниот крст, со што навистина заокруживме еден убав настан, она што го одликува Охрид, со години и децении наназад и по што е можеби и најпознат во Република Македонија и има најдолга традиција на осветување на водите. Навистина времето беше прекрасно, видовте дека имавме и масовно присуство на граѓани на Охрид, граѓани на Република Македонија и гости од соседните земји. Оваа година во координација и во договор со претставниците на Дебарско-Кичевската епархија и со претставници на граѓаните на Охрид кои во изминатите години учествувале во организацијата и прославата на празникот Богојавление во Охрид беше договорено да не се прави избор на кум. Оваа година Охрид е кум на Богојавление Водици односно целиот град и сите граѓани на Охрид, рече Бакрачески.

Тој на фаќачот на крстот му посака добро здравје и успех и во име на општината го даруваше со осветена икона со мотиви на празникот Богојавление.

OhridNews