Дванаесет вработени во телевизија „Телма“, со одлука на раководството, денес, наутро се прогласени се за технолошки вишок. Помеѓу нив се искусните новинрски имиња Панта Џамбазовски, Емилија Лазаровска, Виолета Зајкова, Соња Николовска, Јулијана Лефковска Пешевска, Томислав Османли и други вработени во информативната, културната и во забавната редакција на телевизијата. Новинарите кои се прогласени за технолошки вишок не добиле образложение зошто е донесена таквата одлука, но во писменото известување било наведено дека тоа е заради намалување на трошоци.

Попладнево на дел од медиумите беше објавен официјален став на телевизијата.

-ТВ Телма е приватен медиум кој изминатве две години ги подобри финансиските резултати, но се уште работи со значајна загуба. Телевизијата е принудена да прави рационализација на трошоците. ТВ Телма смета дека е неумесно да се зема за право да се коментраат, како што велат, легитимните одлуки и рационализацијата на телевизијата. Систематизацијата се врши согласно сите процедури иако законски менаџментот не е должен да го консултира синдикатот за тоа. Излишно е да се преповторува дека уредувачката политика на Телма останува иста, се наведува во ставот на телевизијата.

Денеска раководството на телевизијата остварило средба претставниците на Синдикатот на новинари. Како што објавија медиумите, на двајца од 12 новинари кои се прогласени за технолошки вишок им било понудено да бидат префрлени на пониски позиции, а за другите 10 луѓе синдикатот и раководството се договориле да се обидат да најдат решение.

-Се договоривме да се види дали на овие луѓе може да им се најде друго работно место во телевизијата, да се види дали оние што се пред пензија може да им се дооткупи стажот, а за тие што нема да се најде никакво решение и ќе бидат отпуштени да им се даде некаква отпремнина од две или три плати, вели новинарката Виолета Зајкова, синдикален претставник во Телма.

Во однос на тоа дали вработените се прогласени за технолошки вишок согласно законската регулатива, од синдикатот велат дека ќе се консултираат со правни експерти.

Инаку во телевизија „Телма“ пред две години дојде до промена на раководството, односно, како што потврди и Централниот регистар на официјалната интернет страница, на местото на дотогашниот управител Ристо Лазаров дојде новинарот Атанас Кировски.

 OhridNews