17.30 Забраната за лесни товарни возила на планинскиот премин Буково, која беше воведена попладнево поради обилните врнежи од снег, е укината, информира СВР Охрид. На сила останува забраната за тешки товарни возила на овој патен правец.

-Сообраќајот на патниот правец Буково е нормализиран за патнички автомибили, но се уште важи забраната за тешки товарни возила. Екипи на СВР Охрид остануваат на терен. – информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.


Охридската полиција го контролира сообраќајот на Буково

Поради обилните снежни врнежи на подрачјето, СВР Охрид презема засилени мерки за безбедност и контрола на сообраќајот и спроведува мерки за забрана на движење на тешки товарни возила и кон планинските премини „Пресека“ и граничниот премин „Ќафасан“.

–  Полициски службеници од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, поставија сообраќајни контролни пунктови кај „Подмолје“ на магистралниот пат Охрид-Кичево и кај „Емо“ во близина на селото Косел на магистралниот пат Охрид-Ресен. На овие патни правци не се дозволува движење на тешки товарни возила. – потенцира Димовски.

Надлежните воедно потсетуваат дека за сите моторни возила неопходно е носење и користење на зимската опрема.

Поради снежните врнежи автобускиот сообраќај кон и од Охрид се одвива со задоцнување, но засега нема откажувања, информира најголемиот автопревозник кај нас АД „Галеб“ Охрид.

OhridNews