Полицијата го сомничи Кузман дека заедно со уште тројца вработени во Управата во 2011 година незаконски издавале дозволи за ископување и повикувале полициска асистенција да ги обезбедува археолошките локалитети и не плаќале, со што го оштетиле буџетот на МВР за 1,2 милиони денари.
Покрај Кузман, во пријавата за помагање опфатени се и Илче Бојчески, инспектор во УЗКН кој се наоѓа веќе во притвор, поради претходна кривична пријава за случајот „Фаланга 2“, инспекторот Звонимир Николовски исто така од УЗКН и Марија Пуљаз, која е советник во Управата.
„Со пречекорување на овластувањата и постапувајќи надвор од нивната законска надлежност преку издавање на противзаконска документација преку која барале дополнително и полициска асистенција со издавање на платни налози преку други патни трошоци, го оштетиле буџетот на Македонија по основ на дадената полициска асистенција МВР е оштетено во износ преку 1,2 милиони денари, додека по основ на издадени платни налози и други платни трошоци, висината на штетата дополнително ќе се утврдува“, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски
Според МВР, Илче Бојчевски, кој веќе беше осуден во Фаланга 1, го поттикнал Кузман да ги издаде спорните решенија за ископување кај Драмски рид, Делчево и на патот Велешко езеро – Катланово.
Во полициската акција „Фаланга 2″ во мај беше разбиена криминална група која ископувала предмети со културна и археолошка вредност и ги продавала во Македонија и во странство. Во групата учествувале и четири службени лица вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија и Музејот во Демир Капија, како и полициски службеник од Велес.
Криминалната група ископувала предмети од археолошки локалитети на територијата на Демир Капија, Свети Николе, Кавадарци и Скопје. Во групата има и двајца Срби кои ги купувале вредните археолошки предмети и истите ги препродавале во западноевропските земји.
Во текот на акцијата беа приведени 14 од пријавените лица, двајцата Срби не се достапни, а три лица претходно се пријавувани во врска со истата истрага.
Makfaks