Охрид е едно од ретките населени места, каде прославувањето на Стара Нова Година има вековна традиција. Палењето огнови, кумството, вртењето паричка, „маалското“ собирање и богатата трпеза претставуваат само дел од многуте карактеристики, по кои градот се издвојува од останатите во земјава.
Традиционалното ѓомлезе, колбасите на скара, греената ракија и црвеното вино се неодминлив дел од деценискиот дочек, кој охриѓани покрај „маалските“ огнови го поминуваат со своите семејства.
Со децениска традиција се и жителите во населбата „Трудбеник“. Оваа локација е препознатлива по веселбата која трае до утринските часови, а од 1990 година, станарите од околните згради се собираат на ова место.
Како што вели овогодинешниот кум, Марко Попоски, трпезата крај „маалскиот оган“ е богата со скара, вино и ракија, а на полноќ се врти паричката како би се одредил кумот за идната година.
Весело синоќа беше и во населбата Даљан каде мештаните покрај василичатрскиот огон славеа со греана ракија, вино и колбаси.
Овие традиционални обичаи, се неизоставен дел од охридските „маала“. Нема улица во градот, на која не се пали оган и не се прославува доаѓањето на новата година.
OhridNews