Денот на македонската револуционерна борба – 23-ти Октомври, со пригодна свеченост, вечерва, беше одбележан во црквата Св. Петка во Велгошти, каде во 1901 година е формирана првата вооружена чета во охридскиот крај, која активно се вклучила во борбата за осамостојување на Македонија.
Денот на Македонската револуционерна борба одбележан во Велгошти
Овој празник е симбол на една измачена, но горда генерација македонци кои живееле во едно тешко време во кое не постоела македонска држава и кога цената за да се чувствуваш Македонец била неизмерно голема, рече во пригодното обраќањето Марјан Ристески, член на месниот комитет на ВМРО ДПМНЕ – Велгошти и на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид. Тој потсети дека во едно такво време на денешен ден во 1893 година во Солун е формирана Македонската револуционерна организација, со што започнува борбата за самостојна држава, сон кој благодарение на храброста и пожртвуваноста на тогашните херои, го живеат сегашните генерации.
Обраќањето на Марјан Ристески
-Таквите идеали се пренесувале од колено на колено, од генерација на генерација, од востание до востание, се до конституирањето на слободна и самостојна Република Македонија.-рече Ристески.
Пред присутните се обрати и претседателот на Месната заедница Велгошти Јоне Арнаудоски. Тој истакна дека денешниот датум е исклучително значаен за македонската нација. Тој се осврна на историската борба на Македонската револуционерна организација, во која свој придонес дале голем број револуционери од охридскиот крај, меѓу кои и војводата Христо Узунов.
Обраќање на претседателот на МЗ Велгошти Јоне Арнаудоски
-Формирањето на Македонската револуционерна организација е столб на кој што почиваат Илинденското востание, Народноослободителната борба и АСНОМ и 8ми Септември, кога Македонија стана независна и самостојна држава.-рече Арнаудоски.
Денот на Македонската револуционерна борба во Велгошти традиционално се одбележува секоја година, во чест на храбрите револуционери кои ги положија своите животи за слобода со што довека ги задолжија идните генерации да го чуваат и зачуваат споменот на паднатите херои, рекоа велгоштани.
OhridNews