Активисти, доктори, актери, политичари, пожарникари, спортисти…, сите хумани охриѓани, се обединија и заеднички учествуваа на спортско – хуманитарниот хепенинг во спортската сала „Билјанини извори“ за поддршка на лицата со ретки болести. На настанот што организациски го поддржаа локалната самоуправа, ЈП „Билјанини извори“, активистите Гордана Лолеска од „Живот со предизвици“, Ивана Маховска и Влатко Стојкоски, „Супер радио“, со помош на хотел „Нова Ривиера“, лајонс клубот „Лихнидос“, Фудбалската школа Топ Тим Охрид, женскиот ракометен клуб Лихнид, ракометните ветеранки од Охрид, како и бројни хумани ентузијасти од нашиот град, се играше ракомет и фудбал за младиот Јане Велковски од Скопје кој боледува од спинална мускулна атрофија. Целта на настанот беше да се подигне јавната свест за лицата со ретки болести.

 

Хепенингот го збогатија познати музички имиња од градот како Камелеон. Ѓоко Танески, Петар Маркоски, младите Ирма и Ивана, танчерките од Соната и други млади уметници и хуманисти. Настанот кој го следеше градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски ги сплоти и политичарите кои ја делеа фудбалската правда на натпреварите кои ги проследија неколку стотини хумани граѓани.

Сите тие заслужуваат чиста десетка за покажаната солидарност и хуманост.


Хуманоста го обедини Охрид

Г.М.