Остатоци од воен авион од Втората светска војна биле пронајдени на дното на Охридското Езеро во рамки на Проектот за пренуркување на езерото, кој во текот на изминатиот период беше спроведен од страна на меѓународиот нуркачки инструктор Милутин Секуловски.

-Локацијата на авионот е во делот на потегот кај Поградец. За тој авион и претходно имаше некакви сознанија, а ние само ги документиравме тие сознанија. Иако постоеја информации од албанската страна дека тоа е германски авион, ние утврдивме дека станува збор за авион кој припаѓал на англиското воено воздухопловство. Но сепак кога ќе се погледне под вода не се гледа целосен авион, туку само делови од тој авион, појаснува Секуловски.

Освен остатоците од воениот авион за време на пренуркувањето, документирани се и еден потонат воен брод и неколку други пловни објекти кај Струга, кои потекнуваат од Првата светска војна.

Секуловски заедно со своите колеги од Клубот за подводни активности од Охрид и нуркачи од соседна Албанија, етапно го изнурка целиот крајбрежен појас на езерото и од македонска и од албанска страна.

-Во рамки на пренуркувањето фотографиравме, снимавме и позициониравме места односно локации кои и по завршување на проектот ќе бидат од интерес на научната јавност. Најдовме доста интересни работи, на пример документиравме неколку праисториски населби, локациите Врбник кај Струга, Бучиезе во Албанија, Надол кај Трпејца, праисториската населба кај Градиште. Најдовме и големи колонии на европскиот слатководен рак и слатководниот крив рак, кој на одредени места живеат и во заедници, на длабочина од 8 до 15 метри, раскажува Секуловски.

Тој објасни дека исто така биле документирани и локации со интересна конфигурација на дното, како и подводни извори во езерото за кои до сега немало податоци.

-Позиционирани се и подводни извори на повеќе места во езерото. Кај манастирот во Калишта на длабочина од пет до осум метри има подводни извори, слични на оние кај Свети Наум. Тоа се извори од каде излегува голема количина на вода и се многу интересни за разгледување, вели Секуловски.

Според него, целокупниот регистриран материјал во рамки на овој проект освен за научни цели ќе значи многу и за промоцијата и развој на подводниот туризам во Охридското Езеро.

Е.М