Влажниот и студен бран кој денеска го зафати регионот предизвика проблеми во одвивањето на сообраќајот и го отежна секојдневието во градот. И покрај променливите врнежи, час од дожд, час од снег, вечерва е формирана снежна покривка во Охрид која засега изнесува околу десет сантиметри. Снегот е влажен што предизвикува дополнителни проблеми.

На терен се екипи на јавното комунално претпријатие кои рачно ја расчистуваа чаршијата, а тротоарите во центарот на градот се посипуваат со песок.

-Екипи на ЈП „Охридски комуналец“ подготвени на терен го расчистуваат снегот за да обезбедат нормални услови за движење на автомобилите и пешаците. Најпрвин се пристапи кон расчистување на јавните пешачки површини согласно категоризацијата и приоритет (чаршијата, стариот дел од градот, пристапни улици и степеници). На коловозите е делувано со абразивни средства  и расположивата механизација. – соопшти локалната самоуправа.

Вo среда и четврток во западните и јужните делови ќе има врнежи претежно од снег кои ќе бидат со слаб до умерен интензитет. Потоа времето ќе стабилно со ниски утрински температури. Нови врнежи се очекуваат во почетокот на наредната работна недела, информира УХМР.

OhridNews