Општините со кои управува СДСМ започнаа со објавување на огласи за масовни, сосема извесно, партиски вработувања во пресрет на локалните избори, обвини денеска на прес конференција портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Александар Бичиклиски.

-Само за две недели Општините Куманово, Охрид и Струмица со кои раководат градоначалниците на СДСМ, распишаа огласи за ангажирање на вкупно  98 нови вработувања.Сомневањата се дека со ова СДСМ ја отвора вратата за нови партиски вработувања. Целта е полнење на општините со партиски заслужните војници, за сметка на младите и способни кадри кои немаат шанса наспроти членовите на СДСМ.-изстакна Бичиклиски

Тој посочи дека Општина Охрид, преку јавното претпријатие Билјанини извори донесе Одлука за распишување на конкурс за вработување на нови 19 лица.
   
-Општините чии претпријатија тонат во долгови, сега вработуваат нови луѓе. Нема пари за нови проекти, улици, паркови, редовни плати на веќе вработените, а има пари за нови партиски војници кои треба да ги истрчаат за СДСМ на престојните локални избори.-рече Бичиклиски.

Според него сето тоа го  покажува двојниот морал на СДСМ, ксо што оваа партија покажува дека нема капацитет да се бори со проекти, со идеи и да ги решава проблемите на граѓаните, туку и се потребни партиски вработувања за да си го храбрат и залажуваат членството.

Возврати СДСМ, според која владејачката партија се повеќе покажува целосна дезориентираност, конфузија и контрадикторни ставови.

„Денеска, ВМРО – ДПМНЕ и самата призна дека сите вработувања на централно и на локално ниво што ги реализираше од 2006 година наваму се исклучиво партиски вработувања во предизборни цели. Конечно, власта го призна фактот дека манипулира со вработувањата во јавниот сектор заради партиските интереси на Груевски“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Какви било обиди за префрлање на одговорноста за бруталната партизација на јавната администрација од страна на ВМРО – ДПМНЕ, од СДСМ ги оценуваат како одраз на паника од резултатот на изборите во март.

OhridNews