Актуелната локална власт воопшто не води грижа за СРЦ „Билјанини извори“, обвини денеска ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид.

Сликата којашто деновиве се гледа докажува тотална запуштеност од ЈП „Билјани Извори“ за спортскиот центар кој е обраснат со трева и тотално несреден. Власта на СДСМ не може ни да го зачува тоа што е направено од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а не пак да изгради нови спортски игралишта и терени по светски стандарди. – стои во реакцијата.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ бара од раководството на ЈП „Билјанини извори“ под итно да го реши овој проблем и да им овозможи на граѓаните безбедна рекреација.

На изнесените ставови на ВМРО ДПМНЕ, на социјалните мрежи реагираше директорката на ЈП „Билјанини извори“ Гордана Јованоска. Таа ја обвинува партијата за тенденциозност и диригиран оркестриран напад на јавното претпријатие, без основа.

Нивните забелешки се смешни и крајно не издржани. Критикуваат колку само да се спори и негира нашата успешност во секој поглед која јавноста ја гледа и ни дава позитивни коментари. Како што се наближуваат локалните избори јасно ни е дека нашето ЈП „Билјанини извори“ се’ повеќе ќе им боди очи. Од едноставна причина што за време на нивното владеење на централно и локално ниво состојбата во претпријатието беше хаотична и тешка. Крчма без крчмар. Вистина која, за ВМРО ДПМНЕ е болна, но треба да си ја признаат. – напиша Јованоска на Фејсбук.

Гордана Јованоска – Директорка на ЈП „Билјанини извори“

Директорката Јованоска јавно побара одговор од ВМРО ДПМНЕ што оваа партија направила за СРЦ „Билјанини извори“.

Цело време се повикувате на тоа дека вие тоа што сте го направиле, ние не можеме да го одржуваме, па кажете барем три работи кои се направени во СРЦ „Билјанини извори“ од страна на локалната во ваше време? Кога ја спомнувате и споделувате фотографијата со некосената трева, одговорете, за што вие сте се заложиле да се направи во вашето „златно време“ кое за работниците беше период без плати, придонеси и здравствено осигурување, а претпријатието се давеше во долгови. Каква механизација е купена во ЈП „Билјанини извори“ за вашите четири години владение? Ние не можиме да се сетиме на ваква инвестиција а Вие? Ние моравме да враќаме долгови, да покриваме загуби и да инвестираме. – вели Јованоска.

Во реакцијата таа уште посочува дека фотографиите кои ги објави ВМРО ДПМНЕ се од земјиштето кое токму таа партија пред избори го дала под закуп на близок сопартиец, каде тој требашло да постави урбана опрема. – Тој и денес уредно ни плаќа кирија, но не го одржува просторот. И покрај тоа ние го одржуваме овој простор. Само оваа пролет е двапати косен и секојдневно чистен од отпадоци и ќе продолжиме и понатака да го одржуваме. – додава Јованоска.

OhridNews