20.00 Опозициската ВМРО ДПМНЕ ги засили нападите врз власта во Охрид, која, според опозициската партија, ги оставила без плати вработените во детските градинки.
Во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ вработените сѐ уште не ги добиле своите плати што е нечовечки и спротивно на Законот за работни односи. Дали како лажниот живот пропаднат со лагите, таков е и правиот пат којшто го ветува власта? Министерството за труд и социјална политика и министерката Мила Царовска заедно со градоначалникот Георгиески да понесат одговорност за неисплатените плати на вработените во детските градинки. – бара ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид.
Претходно денеска, ВМРО ДПМНЕ на прес конференција ја обвини власта предводена од СДСМ дека врши груба партизација на општина Охрид и државните институции.
- Градоначалникот Константин Георгиески го следи трендот на партиски вработувања наметнат од Владата на СДСМ. Локалната самоуправа предводена од градоначалникот Георгиески објавува огласи за 10 вработувања на државни службеници во повеќе сектори. Георгиески исто така објавува интерни огласи за унапредување на административни службеници во општина Охрид. Дали Георгиески однапред веќе знае кои 12 службеници ќе добијат унапредување по партиски клуч? Зошто Георгиески ги потценува охриѓани, но и партиските активисти кои мора да чекаат избори за да се објават огласи за вработување или да добијат унапредување? Наместо европски вредности имаме расипничко искористување на парите од Буџетот за партиски цели, истакна Лидија Петкоска, советник во Советот на општина Охрид и претседателка на Унија на жени на ОК Охрид.
Според Петкоска, целта на партиските вработувања е добивање повеќе гласачи за претстојните избори.
OhridNews












