Забрана за сообраќај за тешки товарни возила вечерва е воведена на планинските премини Плетвар, Стража и Ѓавато, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар. Од 23:00 часот, сообраќајот на автопатот Скопје – Куманово кај клучка Рафинерија, поради извртено тешко моторно возило, е целосно во прекин за секаков вид на сообраќај, информира АМСМ. Патниот правец Скопје-Македонски Брод преку ЈПУЗПП ЈАСЕН се уште е непрооден.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, со остатоци од кашест снег, по интервенција на дежурните екипи од Македонијапат. Слаби врнежи од снег има во Тетово, Попова Шапка, Гостивар, Стража, Маврово, Ресен, Македонски Брод, Ѓавато, Плетвар, Штип, Павлешенци, Неготино, Демир Капија, Удово и Кула, додека слаби врнежи од дожд има во Сарамзалино, Кочани, Велес и Гевгелија.

Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – М.Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија – Удово, Катланово-Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.

Се препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.