Со 643 гласа од 723 присутни делегати Зоран Заев е реизбран за претседател на СДСМ на 22 конгресот на партијата што се одржува во Скопје. На конгресот избрани се и членови на Централниот и на Надзорниот одбор на партијата.

Граѓаните на Македонија се на прагот да ја добијат новата, реформска Влада – својата Влада, по речиси 11 години наметнат режим. Од денес пред нас се отвора широко поле на можности за обнова на општеството, но и на нашите животи. Да осигураме стабилност и безбедост за денешните генерации. Мирен живот за нашите родители. Сигурна иднина за нашите деца, истакна во говорот пред делегатите Заев.

-Поминавме долг пат заедно, рамо до рамо по улиците, низ Вистината за Македонија, со Граѓаните за Македонија, во Кампот на слободата, со Шарената револуција, трпеливо и мудро низ политичките процеси – верувајки во слобода, вистина, правда, еднаквост, напредок. Секој од нас кој беше дел од сето ова се откажа од својата удобност и комотност, а некои и од сопствената егзистенција. На некои им беше загрозен и животот. Не мислевме само на себе, мислевме на сите нас. И еве ја таа можност пред нас, да изградиме едно и единствено, заедничко, подобро општество за сите во нашата земја, во нашата Република Македонија. Но мора да бидеме реални за да успееме целосно. Ова не е крај на битката за животот што го избравме. Ова е нашиот почеток. Знам дека надежта е одново разбудена. Зад нас го оставаме минатото, уништените општествени, материјални и морални вредности. Пред нас се можностите за реформа, обнова, пружена шанса за секој. – рече Заев.

Тој истакна дека фокусот ќе биде да се овозможат нови и добро платени работни места за граѓаните, развој на претпријатијата, економски раст во државата.

-Луѓето се мирни само кога живеат во општество кое што се темели на чесност, со рамноправни шанси за успех на сите. За да го постигнеме тоа, мораме да се фокусираме на она што не зближува, не на она што не разделува. Тоа ќе го направиме ако гледаме низ заедничките интереси на граѓаните на Македонија. Верував, а денес знам дека не сум сам во таа верба: Различностите се наша сила! И со сета сила ќе се борам против поделбите што го ослабнаа општеството. Ова се вредностите за коишто јас се заложувам. И се покажа – тие не се само идеја. Заедно можеме. – додаде Заев.

Тој истакна дека добиената поддршка на последните избори претставува и голема обврска.

– Сакам да биде сосема јасно. Нема да дозволиме да се повтори злото што им го направи раководството на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните и на државата!
Ние веруваме во општествен прогрес. Веруваме дека тој прогрес е можен. Веруваме во споделена иднина. Веруваме дека Секој е важен – дека никој не е поважен од некој друг. Затоа, ќе овозможиме еднакви шанси за сите во Владата и во општетството. Знам дека има голема радост за промените. Како што знам и дека има лутина за претрпените неправди. Како што има и оправдана загриженост за иднината, затоа што не е лесно да се стапне на руина, наместо да се надградува столб. Свесен сум дека имаме големи предизвици како држава, како граѓани, како семејства. Свесен сум и за економските тешкотии, за демократскиот ќор сокак, за разрушениот систем на морални вредности на внатрешен план. И за изолацијата во којашто се наоѓа Република Македонија на надворешен план. Но ете, почитувани граѓани, токму ова е нашата работна задача. Од следната недела почнува нашата нова заедничка иницијатива, нашата нова работна акција. Отвораме општество на можности. – рече Заев.

Тој истакна дека новата влада ќе работи на кревање на моралните стандарди во јавниот живот. Побара од делегатите на конгресот да бидат одговорни кон граѓаните и да работат отчетно.

-За да знаеме како живеат луѓето треба да сме меѓу нив. Вистинскиот живот е по маалата, парковите, на пазарите, во маркетите, во кафулињата. На нивите, во болниците, во училиштата, на шалтерите во институциите. Таму сме и таму мора да останеме. Граѓаните се тие кои одлучуваат. Ние работиме за нив. Тоа е демократија. И повеќе демократија во нашата партија, значи уште посилна демократија во Македонија. Колку ќе сработиме зависи пред се од нас. Нашата вистинска работа почнува сега. – рече Заев.

На конгресот присуствуваат 700 делегати и гости, меѓу кои и поранешниот лидер на партијата Бранко Црвеновски, како и претставници на сестринските партии од Европа.

OhridNews