Претпладнево започна уривањето на спорните градби од комплексот на фирмата Ив- Ире во Трпејца. Работниците го отстрануваат покривот од помалиот од двата објекти кои се оградени со предупредувачка лента, до кои не е дозволен пристап.
Сопственикот на објектот, Сребре Петрески, во телефонскиот разговор за OhridNews истакна дека акцијата се спроведува селективно и дека државата и ги одзела ингеренциите на локалната самоуправа само за овој случај иако, како што тој тврди, во Трпејца има голем број други дивоградби. Згора на тоа тоа се случува додека тече жалбената постапка, додава Петрески. Според него, погрешно е одбран тајмингот за спроведување на акцијата и дека тоа ќе влијае врз туристичката сезона во селото.
Од месната заедница ја поздравија акцијата на надлежните инстиитуции, посочувајќи дека таа е во согласност со законите кои мора да се почитуваат.
– Доколку надлежните институции реагираа порано ќе беше подобро . Нашите барања за спроведување на законот во Трпејца вродија со плод дури сега, иако решението за уривање на спорните градби е донесено во јули 2011 година, нагласуваат од месната заедница.
Локалната самоуправа неодамна најави дека ќе го обжали решението на Министерството за транспорт и врски и ќе поднесе тужба до Управниот суд, бидејќи без основ и биле одземени ингеренциите во случајот. Оттаму информираат дека за Трпејца има решенија за уривање на над 50 објекти, но дека не можеле да постапат по нив, како и во случајот со одземениот предмет, поради тоа што никој не се јавил на двата тендери за уривање на дивоградбите што ги распишала општината. Од месната заедница велат дека во Трпејца нема други дивоградби и дека за посочените објекти се води законска постапка за легализација. Во конкретниот случај според нив делови од спорните објекти биле изградени на државно земјиште кое жителите на селото го сметаат за свето место.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com