Нови станбени објекти и хотели ќе никнат во центарот на Охрид по должината на кејот Македонија, еден од најгусто изградените простри во градот. Според Деталниот урбанистички план (ДУП) за дел од УЗ 2, дел од блок 2.4 – опфат 1, кој денеска беше на повторна јавна расправа, предвидена е изградба на повеќе висококатници како и надградба на постоечки објекти, велат мештаните. Според нив тоа дополнително ќе го оптовари просторот и ќе го затвори протокот на воздух од езерото, што ќе се одрази на квалитетот на живот.
-Ова не е во интерес на граѓаните. Секој граѓанин со закон има право на живот, но ако вие донесете објект до друг на едно метро и дваесет сантиметри тогаш каков воздух ќе имаат граѓаните, како ќе се чувствуваат. Се носат маркици по се изгледа не по правилникот за изработка на ДУП, туку по нарачка. Најголемото зло е тоа што се носат маркици со огромни висини. Добро знаеме кој е проблемот во Скопје со загадувањето, не е само индустријата туку зградите кои го затворија протокот на воздух. Се ова е во интерес на поединци. Туристите се чудат дали е можно ова што се случува во Охрид и прашуваат дали некој знае што е екологија? – резигнирано прашува Славе Трајаноски жител на Урбаната заедница 2, покажувајќи фотографија како до неговата куќа буквално е залепена друга градба.
Револт од предложеното урбанистичко решение искажаа и други граѓани. Тие укажаа на проблемите со инфраструктурата, тесните улици и недостаток на паркинг простор.
– Се предвидува изградба на објекти од 16,5 метри, помасивни и повисоки од постоечките. Буквално ќе биде тоа Кинески ѕид кој ќе го запре протокот на воздух од езерото. Објектите се лепат едни до до други, се затвора погледот. Вие се повикувате на законот и ни кажувате дека се е според прописите, но очигледно е дека не се води грижа за квалитетот на живот. Треба добро да се размисли околу висината на објектите. – рече граѓанин на УЗ 2.
Од локалната самоуправа велат дека максималната висина на објектите кои ќе се градат покрај охридскиот кеј ќе биде П+4. Посочуваат дека ДУП за УЗ 2 се носи согласно закон и дека изготвувачот ќе ги земе предвид забелешките на граѓаните.
-Сите граѓани имат право да поднедуваат приговори. Ние како локална самоуправа заедно со планерите гледаме колку што е можно да ги испочитуваме тие забелешки, меѓутоа исто така сме обврзани со законската регулатива да ја испочитуваме големината на самите парцели. Тука некаде се испреплетуваат желбите и законската регулатива. Водиме сметка што може да им се удоволи на граѓаните, од една страна на едниот сосед да не му се даде премногу, а од друга страна тоа што ќе го дадеме да не се одрази негативно на другиот сосед. Се трудиме максимално да ја испочитуваме волјата на граѓаните. – истакна секретарот на општина Охрид Димитар Спасески.
Јавната анкета за измените на ДУП за дел од УЗ 2, трае до 10-ти јануари, до кога граѓаните можат да поднесуваат забелешки на планот кои ќе ги разгледува комисија.
Г.М.