Членовите на ДИК го разгледуваат петтиот по ред приговор за избирачкото место 1882, откако претходно од вкупно 17 приговори за изборите во Струга, два се прифатени, а два се одбиени.
Според овластениот претставник на ВМРО-ДПМНЕ Илија Илоски на ова место имало едно ливче повеќе, отколку бројот на запишани гласачи. На ливчето имало печат од друго избирачко место и било оставено во кутијата. Констатирано било дека ливчето е неважечко, а според ВМРО-ДПМНЕ ова е обид да се направи фалсификат и таканаречен бугарски воз.
Претставниците во ДИК од ДУИ и ДПА побараа да се провери гласачкиот материјал и да се утврди од каде дошло ова ливче во избирачката кутија. Претставниците на СДСМ во ДИК рекоа дека ќе го поддржат овој приговор.
„Јас не сакам да се китам со патриотизам, но принципиелно ќе го поддржам приговор на ВМРО-ДПМНЕ, професионално и патриотски. Но, ќе видиме како ќе гласа ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе дојдат на ред приговорите од СДСМ, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Во меѓувреме не беше прифатен предлогот членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими да се повтори гласањето за приговорите кои што претходно беа прифатени.
Од вкупно поднесените 17 приговори за Струга ДИК претходно прифатати два приговори.
Makfaks












