Околу 500 жители од охридските села Ливоишта, Сирула, Вапила, Куратица, Расино веќе шести ден живеат без струја и вода. Револтирани, тие попладнево излегоа на протест пред ЕВН Охрид барајќи од надлежните проблемот што поскоро да се реши.
– Тешко е, многу тешко да живееш во вакви услови, на толку ниски температури без струја и вода. И патиштата не се расчистени како што треба. Еве добиваме ветувања дека ќе добиеме струја вечер или утре, дај боже да биде така, вака веќе не се издржува, велат жители од Вапила.
Претставници на незадоволните граѓани остварија средба со одговорните во ЕВН КЕЦ – Охрид, на која биле информирани дека интензивно се работи на отстранување на дефектите, со цел нормализирање на снабдувањето со електрична енергија во Охридско. Доколку тоа не се случи во наредните 24 часа, незадоволните граѓани ќе го блокираат регионалниот пат Охрид – Битола.
-Сакам да им ја честитам Новата година на сите граѓани на Македонија. За жал жителите на Куратица и останатите населени места во поранешната општина Косел новата година ја дочекаа во мрак. Еединствена желба ни беше Дедо мраз да ни донесе струја но не ни донесе. Шести ден овие наслени места немаат електрична енергија и дојдовме тука да го изразиме револтот од неодговорното однесување на ЕВН. Разговаравме со директорот на подружницата во Охрид кој ни даде ветување дека во рок од 24 часа ќе се потрудат да добиеме струја, екипите веќе ги видовме на терен со скутери и санки за снег, кои одамна требаше да дојдат. Доколку во наредните 24 часа не добиеме струја протестот ќе продолжи и ќе го блокираме главниот пат Охрид – Битола во траење од најмалку 2 часа.– изјави претседателот на Месната заедница во с. Куратица, Горан Ангелоски.
Тој истакна дека во европските држави недозволиви се пропусти во снабдувањето со елекрична енергија како во Македонија.
-Доколку ова се случи во Австрија компанијата ќе банкрорира веднаш. Дваесет години работев во Швајцарија еднаш немаше струја половина час добивме триста извинувања и по медиуми и писмено, а овде еден извештај не може да добиеме каква е ситуацијата.-додаде Ангелоски.
Од ЕВН Македонија информираат дека нивните екипи интензивно работаат на терен со цел да се создадат услови за повторно непречено снабдување со електрична енергија на жителите од овие села.
Без струја и вода шести ден по ред се и села во дел од општина Дебарца, меѓу кои и Мешеишта, Требеништа, Климештани.
OhridNews
Фото: Емилио