Д-р Зијадин Села, специјалист по интерна медицина, кандидат на Демократската партија на Албанците, победи на изборите за градоначалник во Струга.

По прегласувањето на вториот круг во девет избирачки места во општината, Села ја задржа големата предност над заедничкиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, Д-р Владо Кочоски. Според неофицијалните резултати на изборниот штаб на ДПА, заедно со гласовите од прегласувањето Зијадин Села освоил 20728 гласа,а  Владо Кочоски 14676. Според изборниот штаб на ВМРО ДПМНЕ, Села освоил 19.823, a Кочоски 14.667 гласа.


Д-р Зијадин Села

Во изјава непосредно по сумирањето на првичните неофицијални резултати од повтореното гласање, Д-р Зијадин Села изрази благодарност до сите граѓани на Струга за изразената воља.

-Граѓаните уште еднаш покажаа дека се на страна на демократијата и не потклекнаа на притисоците. Тие покажаа дека се на страна на мирот и развојот на Струга. Им се заблагодарувам и им ветувам дека ќе бидам градоначалник на сите граѓани на Струга. Заедно ќе работиме Струга да ја направиме туристичка дестинација која ќе биде на туристичките мапи во светот и развиен град со нови разботни места. Заедно со граѓаните ќе направам се оваа победа да ја преточиме во победа во сите проекти кои ги ветив за време на кампањата.-изјави Д-р Села.


Д-р Владо Кочоски

Неговиот противкандидат го призна поразот и му ја честиташе победата на кандидатот на ДПА.

-Пред се сакам да им се заблагодарам на околу 16.000 граѓани кои што на овие локални избори го дадоа гласот за мене, што навистина е голем успех. Исто така му честитам на мојот противкандидат и му посакувам во својот градоначалнички мандат да го оствари тоа што им го вети на граѓаните на општина Струга.-изјави Д-р Кочоски. 

Г. Момироски