Советничката од НСДП, Верица Хајба, смета дека одговорноста за нарушената безбедносна состојба во Охрид треба да се бара во полициската станица и одговорното лице во оваа институција.
– Во секоја служба има одговорно лице поставено од МВР и мислам дека министерката Јанкуловска треба да превземе остри санкции и мерки , бидејќи во Охрид повеќе години наназад се случуваат одредени девијантни појави во кои се инволвирани лица добро познати на полицијата, истакна советничката Хајба. Таа додаде дека заради поединци кои неодговорно си ја вршат својата работа се валка името на оние кои чесно и одговорно си ја вршат својата работа.
Според советникот Љупчо Настоски охридското подземје е поделено на неколку банди идентификувани по местото од каде потекнуваат.
– Зачудува што полицијата за тоа не знае од причина што тие се познати како лихвари и учесници во тепачки. Дали не функционира судството или системот е немоќен, дали некој е заштитен од полициајата, од властите?-запраша советникот Љупчо Настоски. Според него Охрид ја доживеа најлошата туристичка сезона, но тоа не е ништо во споредба со негативната репутација која градот почна да ја гради, додаде Настоски.
Советникот Томислав Тунтев изрази забелешка што Советот расправа само по еден случај, а не за општата безбедносна состојба во градот.
– Многу работи во многу туристички места завршија трагично. Фудбалски натпревари во Белград и други места завршија трагично, тоа се случува во цел свет. Ние треба како институција да видиме зошто се случуваат такви работи и да побараме решение понатаму да не се случуваат, истакна Тунтев.
Тој побара да се формира локална полиција, како што е пракса во многу земји во светот, но и во опкружувањето, со што според него, ќе се подидигне нивото на безбедност, но и на одговорност на локалната власт и заедницата.
– Треба да се лоцира одговорноста. Тоа не можат да го прават политичките партии. Основното прашање е дали туристите и граѓаните се чувствуваат безбедно во Охрид. Затоа треба девијантните појави да се сосечат во корен без амнестија за никого, но за тоа треба прво да се лоцира одговорноста, додаде Тунтев.
Дејан Пановски, советник од ВМРО ДПМНЕ, смета дека од одговорноста за нарушената безбедносна состојба во градот не смее да се амнестира локалната самоуправа.
– Одговорноста меѓу другото се наоѓа и во зградата на Општината и оттука потекнуваат негативните рефлексии на општеството што се манифестираат со девијантни појави, рече Пановски. Тој истакна дека е потребно да се преземат конкретни чекори, да се престане со говор на омраза и продуцирање на негативна енергија.
Реплицирајќи на искажаните забелешки командирот на Полициската станица- Охрид, Добре Петрески, истакна дека обвинувањата на советниците се тенденциозни и политички мотивирани.
– Никој од вас нема право да дели квалификации за нестручност и непрофесионалност. Мојата стручност може да ја оценува само министерот за внатрешни работи , а не советниците, рече Петрески. Тој укажа дека органите на редот не можат да бидат на секое место во секое време и дека за поголема превенција потребно е да профункционира Локалниот Совет за безбедност и превенција.