Селекторот на македонската ракометна репрезентација Ивица Обрван одлучи неделата на ЕХФ да ја искористи за мини подготовки во Охрид. Под Самоиловите тврдини селекторот собирот ќе ги искористи за подигнување на атмосферата, дружење на репрезентативците и полнење на батериите пред последните два и пол месеци од сезоната.

Во Охрид селекцијата нема да одигра контролни натпревари, а и допатува некомплетна откако капитенот Лазаров, Стоилов и Георгиевски откажаа поради повреди, а Ристовски поради клупските обврски.

На два и пол месеци од дуелите со Грција во бараж средбите селекторот Обрван смета дека сеуште е рано да размислува за ривалот.

Хрватскиот стручњак на македонската клупа е свесен дека на дуелите со јужниот сосед ќе проработ и патриотските емоции кај репрезентативците и навивачите.
– Тоа е добро бидејќи тие натпревари ќе бидат после напорните сезони на поголем дел од репрезентативците и од таму ќе црпат мотив повеќе да одиграат најдобро што можат за својата земја. Ние сме фаворити, квалитетот е на наша страна, тоа треба да го потврдиме и на теренот, а со добар пристап ќе немаме проблем – додаде Обрван.

– Сите ги знаеме квалитетите на Кирил Лазаров и нема потреба да се зборува за него. За ангажманот на Вугринец со РФМ се одлучивме да биде од помош на селекцијата. Тој ќе треба да го растовари Лазаров на големите натпревари каде имаме пет или повеќе натпревари за недела дена. Вака со „вуги“ на десната бековска позиција имаме опција плус во нападот а и решение додека некој од помладите ракометари не зачука на вратата од селекцијата – смета селекторот.
Македонските преставници во Лигата на Шампиони, Вардар и Металург ја „здрмаа“ Европа обезбедувајќи пласман во 1/4 финалето.

Бундеслигашите Флензбург и Кил се последната пречка на Вардар и Металург пред портите од „фајнл фор“.
– И двете екипи добија тешки противници бидејќи во оваа фаза нема лесен противник. Ќе бидат тешки сите натпревари и ситници ќе решаваат патникот во фајнл фор. По тоа што го видовме во Хамбург од Вардар сите веруваме дека може сешто да се случи. Според мене ќе беше подобро да се сретнаа Вардар и Металург меѓу себе и така македонскиот ракомет сигурно ќе добиеше еден преставник на завршниот турнир – заврши Обрван.
Фото : Емил Јовановиќ
Мх.П.










