Се бројат деновите до стартот на Европското првенство во ракомет кое се одржи во Данска од 12 до 26 јануари. Македонија во групата А се наоѓа со домаќинот, Чешка и Австрија, а за пласман понатаму неопходна е една победа.

– Мислам дека мораме во првиот круг да бидеме најдобри. Не сме Хрватска, Франција или Шпанија, па да темпираме форма за завршницата. Ние мораме да бидеме најдобри од самиот почеток. Треба да одиме меч по меч. Не смееме да калкулираме со Данска, да се чуваме за Чешка и Австрија. Ако не сме подготвени за првиот меч на почетокот на турнирот, барем физички, не знам кога ќе бидеме во полна сила – рече Обрван за дневниот весник „Дневник“.

– Задоволен сум од атмосферата и така сакам да се продолжи. Да се задржи концентрацијата, а овие мечеви да ни овозможат да видиме до каде сме. Резултатите не се важни, иако тие секогаш се битни. Треба сите играчи да бидат распределени и да добијат шанса, и после дуелот со Србија имаме уште 6 дена да се подобри се што нема да биде според посакуваното – потенцираше селекторот.
Хрватскиот стратег на македонската клупа ќе мора да бара решение за левата бековска позиција откако од таму поради повреди испаднаа Филип Лазаров и Наумче Мојсовски, а виси настапот на Дејан Пецаковски. На контролните натпревари на таа позиција играше Ацо Јоноски, а Немања Прибак ќе се приклучи во втората фаза од континенталниот собир.
– Тоа е најзагрозената позиција. Со неколку ротации, ќе се обидеме да имаме корисно решение што 10-15 минути ќе може да помогне и да донесе резултат. Јоноски е тука, Ангеловски, Миркуловски и Стојчевски. Ова изгледаше коректно со Словенија и има доволно време да се уиграме. Нема да биде идеално, но тоа е – смета Обрван.
Покрај големите проблеми со повредите селекторот верува во добар резултат и одлична престава на Европското првенство во Данска.
– Искрено зборував цело време, и така размислувам. Со сите играчи, и со натурализација, и со здрави Мојсовски и Лазаров, ќе беше тешко. Тоа е обврска, но треба да се пласираме во втор круг. Без овие играчи ќе биде уште потешко. Дали верувам? Да верувам во овие момци. Имаме атмосфера, со едно засилено заедништво и дисциплина во играта ќе имаме и резултат – заврши за „Дневник“, селекторот.
Ohridnews












