Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија беа генерално добро спроведени и кандидатите можеа слободно да водат изборна кампања, но правната сигурност беше поткопана поради значајни промени на законската рамка и последователните владини уредби со законска сила, велат набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР во денешната изјава.
Ова се многу предизвикувачки времиња за одржување на избори, и ги препознаваме напорите на властите да се прилагодат на новите околности“, рече Лаима Андрикиене, шефицата на СМПИ на ОДИХР. „Сепак, постојат неразјаснети прашања околу Изборниот законик и процеси кои често доведуваа до политички договори во последен миг. Властите треба да посветат сериозно внимание на овие прашања, подолго време пред одржувањето на следните избори.“ – додава таа.

Законската рамка беше суштински изменета непосредно пред распишувањето на изборите, што е спротивно на меѓународните добри практики. Континуираните неконзистентности и двосмислени формулации ја поткопуваат правната сигурност, и се’ уште им е потребна суштинска ревизија. Кандидатите имаа можност вистински да се натпреваруваат и да ги пренесат пораките, иако кампањата се карактеризираше со негативна реторика, на сметка на суштински дискусии за политики. На медиумското известување за изборите генерално му недостасуваше критичка анализа на платформите, а правилата за политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми политички партии. – стои во извештајот.
Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) на ОДИХР во земјава започна со работа на 19 јуни и ќе заврши на 23 јули.
OhridNews











