Сите предмети на патниците од урнатиот малезиски авион се наоѓаат на местото на несреќата и се обезбедени, и да се зборува за уништување на докази од страна на (проруските) бунтовници нема никаква причина, изјави претставникот на специјалната мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Мајкл Бочуркив, одговарајќи на обвинувањата на украинските, на кои им се приклучија и малезиските власти, за наводно уништување на докази од несреќата на патничкиот авион „Боеинг 777“ со вкупно 298 патници членови на екипажот на компанијата „Малаѕсиа Аирлинес“ на летот МН17 од Амстердам за Куала Лумпур кој се урна во четвртокот на украинска територија во близина на границата со Русија, пренесува „Макфакс“.

„На местото на несреќата видовме многу остатоци, тие не се преместувани, тие се чуваат. Исто така, видовме силно изгорени детали. Фрагменти во боите типични за ’Малаѕсиа Аирлинес’ расфрлани на територија од околу 30 километри. Видовме и многу лични предмети на патниците, документи, кеси од дјути фри продавницата на амстердамскиот аеродром, багаж“, изјави Бочуркив одговарајќи на прашањето дали претставниците на мисијата на ОБСЕ забележале дека недостига каков и да е материјал од местото на трагедијата.

Појасни и дека телата на настраданите кои се пронаоѓаат на местото на катастрофата, се изнесуваат до патот.

Претходно во саботата ткн премиер на самопрогласената Народна Република Донецк Александар Бородај изјави дека припадниците на проруските ткн народни милиции на самоодбраната коишто ја контролираат територијата на која падна малезискиот авион воопшто „не пипнале ништо од местото а несреќата“, но и дека е загрижен за хуманитарната несреќа, бидејќи телата на загинатите се распаѓаат на жештината.

„Телата на невини луѓе лежат на горештината. Доколку одложувањето продолжи, си земаме право да ги подигнеме телата. Ја повикуваме Руската Федерација да ни помогне и да ни испрати свои експерти“, изјави Бородај.

На прес-конференцијата во Донецк изјави дека нему не му е јасно зошто најавените меѓународни експерти сé уште не се пристигнати на местото на несреќата и заклучи дека украинската влада не е заинтересирана за објективна истрага. Додаде дека на истражителите на ОБСЕ на коишто во петокот не им беше дозволен поголем пристап на територијата на несреќата, ќе можат целосно да се запознаат со истрагата.

Инаку во петокот навечер беше потврдено дека во Киев отпатувале експерти за авионски несреќи на Интерпол, од Холандија и Малезија, како и дека група украински криминалистички инспектори рано утрото во саботата го посетила местото на несреќата каде разгледувале и правеле скица на местото на падот на малезискиот патнички авион „Боеинг 777“ .

Меѓутоа, Киев обвинува дека проруските бунтовници ги измениле доказите на место на падот на авионот, што би можело целосно да ја поремети истрагата, на што се надоврза и малезискиот министер за транспорт кој сé уште не е пристигнат во Украина.

„Целото место на несреќата е компромитирано и постојат знаци дека клучните докази не се сочувани на местото на настанот. Таквото однесување на местото на падот на авионот може да ја искриви истрагата. Неспречувањето на таквите мешања претставува предавство на загинатите. Мораме да имаме целосно слободен пристап на целото место на несреќата и мора да ни биде гарантирано дека не се изменети доказите на местото на несреќата. Најважно е да се одреди кој го урнал малезискиот авион. Бараме правда“, рече на прес-конференција во Куала Лумпур малезискиот министер за транспорт Лиов Тионг Лаи, кого тамошните медиуми го потсетуваат дека за четири месеци ова е втор авион од истата компанија која доживува несреќа, откако на 8-ми март мистериозно исчезна авионот на летото за Пекинг, а владата на Малезија е обвинувана дека криела податоци од летот и непознато отстапување од рутата.

Речиси истовремено украинската влада ги обвини проруските бунтовници, кои ги обвинува и дека го урнале малезискиот авион, дека „се обидуваат со поддршка на Русија, да уништат докази од ова меѓународно злосторство“.

OhridNews
извор:„Макфакс“