Вкупно 15 новоизбрани Деца правобранители од средните училишта од Битола, Охрид, Струга, Штип и Гостивар се дел од обуката во рамки на проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“, која деновиве се одржува во Струга. Oваа обука се организира трета година по ред од страна на Коалицијата на младински организации „СЕГА“.

-На обуката децата ќе се стекнат со знаења за Конвенцијата за правата на децата и како да ги информираат нивните врсници за пријавување на прекршувањето на детските права во нивните училишта. Преку примери на прекршени детски права, процедура за поднесување на претставка ќе им биде презентирана нивната нова функција како деца правобранители во училиштата. Исто така преку оваа обука децата правобранители ќе се едуцираат за Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на детето (УНЦХЦ) и ќе можат да се утврдат начините на соработка, како и функционирање со Народниот правобранител на Република Македонија задолжен за детските права, информираат организаторите.

Моделот на дете правобранител е единствен во Југоисточна Европа и претставува одлична институционална алатка за пренесување на Конвенцијата на Обединетите Нации за заштита на детските права, како и за заштита на детските права во училиштатата. Овој проект е  финансиран од Детската Фондација Песталоци.

Коалицијата на младински организации СЕГА е формирана во 2004 година со цел да придонесе кон процесот на креирање и имплементација на Националната стратегија за млади на Р.Македонија и да помогне во исполнување на потребите на младите. Коалицијата ја сочинуваат 22 членки.

OhridNews