Агенцијата за вработување на Република Македонија во понеделник ќе објави нова мерка за побарувања на занимања на пазарот на труд. Станува збор за обука за вработување на над 640 лица при што Владата обезбеди буџет во вредност од 35 милиони денари за реализација на овие обуки.

Ова го најави денеска заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој по тој повод ја посети текстилната компанија Окитекс, која што е успешен пример во однос на искористување на мерките и поволностите за вработување кое што ги реализира Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување и нуди сертифицирана програма за обука за побарувани занимања на пазарот на труд.

–Процесот на стекнување на работно место или самото барање на работа не е едноставен, но сепак невработените лица кои ќе учествуваат на овие обуки во реални работни простории во производствените капацитети кај работодавачите имаат значително поголеми шанси да се стекнат со работно место. Тие добиваат сертификат за завршена тримесечна обука во реални работни услови на машините и на опремата на која што се врши производство на која работат самите компании и на тој начин многу полесно и побрзо да стигнат до посакуваното работно место, а најчесто оние кои се најпосветени во текот на самата обука добиваат и работно место кај самите обучувачи во рамки на приватните компании, вели заменик министерот Спасов.

Изминатиот период, додаде тој, неколку тима составен од Министерството и Агенцијата за вработување во соработка со Министерството за образование и Центарот за стручно образование беа во посети на голем број македонски компании, при што успеале да сертицифираат над 110 програми за обука во реални работни услови во работни простории на приватни компании.

Државната издвојува финансиски средства и за обучувачите, но и за невработените лица за покривање на основните трошоци за храна и превоз додека трае обуката, а по обуката овие лица се стекнуваат со сертификат и понатаму го продолжуваат процесот или на барање на работа или се здобиваат со работно место кај самите приватни компании.

OhridNews