Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид поднесе обвинение против осомничениот за бруталниот напад врз 26-годишната охриѓанка што се случи изминатиот викенд и ја вознемири јавноста, а до Основниот суд во Охрид достави и предлог за определување мерка притвор.
Како што соопштија од Обвинителството, по итно преземените дејствија, лицето се товари за три кривични дела.
Основното јавно обвинителство Охрид итно ги презеде сите дејствија и до Основниот суд во Охрид поднесе обвинение против едно лице за три кривични дела – Телесна повреда, Противправно лишување од слобода и Загрозување на сигурноста. При вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на една оштетена, се наведува во соопштението на ОЈО Охрид.
Во текот на денешниот ден, надлежниот јавен обвинител извршил распит на оштетената девојка во присуство на претставници од социјалните служби, а било наредено и веќе е извршено вештачење за утврдување на видот и карактерот на нејзините повреди.
Од ОЈО Охрид нагласуваат дека обвинетиот бил обезбеден во текот на целата постапка од нејзиното поведување, а имајќи ги предвид сите утврдени околности во предметот, заедно со обвинителниот акт е поднесен и предлогот за притвор.
OhridNews












