Тројцата обвинети за петкратното убиство
кај Смилковското езеро, кои денеска даваа исказ пред судот тврдат дека
ниту го извршиле, ниту пак учествувале во грозоморното убиство, пренесува „Макфакс“.

Третообвинетиот Агим Исмаиловиќ, кој се товари дека е еден од
извршителите тврди дека  кобниот ден се молел во џамија, а потоа бил на
работа, Фејзи Азири, кој се товари дека бил организатор на убиствата бил
на фармата во Белимбегово, додека Рами Сејди кој имал слична задача
како и Азири, бил на работа во својата работилница за поправка на
автомобили.

Исмаиловиќ тој ден бил пет пати во џамија да се „клања“, а потоа заминал
на работа во интернет кафето со кое управувале неговиот брат Африм
Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се во бегство и се товарат дека се
извршители на убиството. Тврдеше дека никогаш не бил на Железарското
односно Смилковското езеро.

Фејзи Азири детално опиша како го поминал 12 април минатата година, тој
ден во општината Илинден се сретнал со министерот за транспорт и врски
Миле Јанакиески, а на градоначалникот на општина Илинден, Жика
Стојановски му ветил дека ќе му даде јагне за Велигденските празници.
Остатокот од денот го поминал на фармата во Белимбегово.

Азири бил концесионер на дел од земјиштето кај Смилковското езеро, но сега веќе државата му ја одзела концесијата.

Рами Сејди кој се товари дека контактирал со лицата кои биле на местото
на убиството како логистика за брзо и ефективно извршување, тврдеше дека
тој ден бил на работа во својата работилница за поправка на автомобили
во Арачиново.

Алил Демири му бил муштерија, а Агим и Африм Исмаиловиќ ги знаел само на
изглед. И тој како Исмаиловиќ тврдеше дека знаел каде е Смилковското
езеро но никогаш не бил таму.

Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи вели дека обвинетите имаат алиби за
таа вечер и изјави дека постоеле сведоци кои ќе потврделе дека
обвинетите не биле таа вечер на Смилковското езеро.

Во четврток треба да сведочи Хаки Азири, кој на почетокот беше заштитен
сведок, но доброволно се откажа од овој статус и стана обвинет.

Според обвинението, Азири пред истражен судија изјавил дека со својот
автомобил ги чекал обвинетите на обиколницата кај Качанички пат околу 20
часот. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири излегле од црвениот „опел“ и
влегле во неговиот автомобил. Му кажале дека убиле човек и му рекле да
ги одведе во неговиот дом.

OhridNews
извор:„Макфакс“